29.12.2020

„Битолчани“ газат со повеќе од „сто на час“ во првиот дел од сезoната во Првата лига и во поголем број на статистички категории

КЛУПСКА СТАТИСТИКА ПО 10. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер е број 1, не само на табелата!

Актуелните цифри од статистичкиот центар на КФСМ велат дека водечките екипи во првенството се и меѓу првите во оние главни категории...

Во овој момент по одигрувањето на некомплетното десетто првенствено коло, екипата на Пелистер е предводник во неколку статистички параметри, кои индиректно говорат и за индивидуалниот ефект, со самото тоа и квалитет на екипата од Битола.

Податоците велат дека со 106.8 постигнати поени, во просек, екипата на Пелистер има најефикасен напад во Првата лига.

Далеку подобар во однос на конкуренцијата која во овој момент, ја чинат Работнички со 90.2 поени, односно Еуро Никел 2005 кој има просечни 88 поени по натпревар.

Битолските „зелено-бели“ ја имаат водечката улога и кај асистентите. Во просек нивните кошаркари додаваат по 25.5 пати, доста подобро во однос на Гостивар со 21.67, и Еуро Никел 2005 со 21.17 асистенции по меч.

Дека се лидери на првенствената табела, „битолчани“ покажуваат и со одличниот процент на погодување. Беа и остануваат први во процентот на реализација за три поени. Позиција од која погодуваат со (47.46%) на успешност. Но и во обидите вредни по два поени (67.25%), додека пак од линијата за слободни фрлања, имаат втор резултат (76.95%), зад оној на Еуро Никел 2005 кој има нешто повисоку (79.83%) на успешност.

Во оние останати статистички категории, голем напредок направија кошаркарите на МЗТ Скопје Уни Банка. Младите кошаркари од Аеродром се на првото место на листата на најдобри скокачки екипи. Имаат просечни 39.2 скока по меч, пред Куманово со 37.4 и Кожув со 37 скока, но со само три одиграни натпревари во досегашниот дел од првенството.  

Екипата на Гостивар е прва на листата според бројот на освоени топки. Гостиварци имаат просечни 9.67 „крадења“ по меч, пред екипата на ТФТ со 8.83 и Работнички со 8.2 освоени топки.  

Екипа со најголем број на загубени топки е Куманово 2009 со 18.8 загубени топки во просек. Зад нив е Вардар со 17.33, и Гостивар – 16.33.

Најдобри блокери има во екипата на ТФТ. Скопските „црно-бели“ прават по 3.33 блокади во просек на една средба. Далеку поуспешни се во однос на Вардар кој е на 2.67 блокади и Куманово 2009 со 2.6 блокирани удари по натпревар.

Кумулативната статистика во Првата лига – мажи по 10 одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК