20.01.2021

Екипата од Битола има просек од преку 102 дадени поени на осум одиграни натпревари

КЛУПСКА СТАТИСТИКА ПО 11. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Продолжува доминацијата на „пелистерци“

Со одиграното 11. коло теоретски се затвори првиот круг од првиот дел од Првата лига во оваа натпреварувачка сезона 2020/2021.

Макар што во практика, зад нас се и доста неодиграни натпревари, момент кој го услови појавата на корона вирусот кај скоро сите прволигашки екипи.

Оттука е и неправилно распределениот број на одиграни мечеви на 12.екипи учесници во Првата лига.

„Пресекот“ по 11.кола вели дека лидерот во шампионатот, екипата на Пелистер и со право е на првата позиција на табелата.

Во овој момент, „пелистерци“ го имаат најдобриот напад во лигата, кој прави просек од извонредни 102.1 даде поени по натпревар.

Статистички гледано, најмногу поради најдобрите бројки во колоните за еден, два и три поени. Во овој момент, „зелено-белите“, се први според процентот на реализација за три поени (42.11%) и за два поени (65.67%) и втори во реализацијата на слободни фрлања (75.8%).

Први во оваа статистичка категорија се кошаркарите на Еуро Никел 2005 кои имаат нешто повисоки 77.78%

Пелистер има и најдобри додавачи. Просекот на нивните асистенции на осумте одиграни натпревари е 23.88. Далеку подобар во однос на оној кој го има Гостивар (21.14), и екипата на Еуро Никел 2005 – 20.86.

Изненадувачки, во рубриката – скокови, првото место и понатаму е резервирано за МЗТ Скопје Уни Банка. Најмладиот тим во лигата има просечни 39.5 скока, со кои води пред Кожув со 37.4, и Академија ФМП со 37.38 скока по натпревар.

Гостивар е екипата која има најмногу освоени топки, по 9.86, пред ТФТ со 9.0 и  МЗТ Скопје Аеродром со 8.33.

Во делот на загубени топки, „води“ екипата на Вардар со 18.75, пред Куманово со 18.5 и Гостивар чии кошаркари губат по 16.14 топки по меч.

Во овој прв круг од сезоната, лидерска екипа според бројот на блокади е ТФТ чии кошаркари во просек блокираат најмалку по три пати во текот на еден натпревар.

Кумулативната статистика во Првата лига – мажи по 11. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК