21.01.2020

КЛУПСКА СТАТИСТИКА ПО 12. ОДИГРАНИ КОЛА: Нападот на Гостивар функционира најдобро

По 12. одиграни кола, екипата која сега е на ко-лидерската позиција на табелата е единствената со преку 85.поени по натпревар.

 

Продолжението на првенствената трка, не донесе некои сериозни промени на оној клупски план, односно статистичкиот дел.

Изненадувањето се случи во СЦ „Јане Сандански“ каде во дербито на колото, Гостивар му го нанесе првиот пораз на домашен терен на актуелниот бранител на титулата.

Гостиварските „сино-бели“ уште еднаш прикажаа добра игра која ја крајот резултираше со голема победа, а по која сега се на делба на позицијата број 1 во шампионатот.

Макар што беа под својот поентерски просек, кој сега изнесува 85.08 поени, што ги прави единствената екипа во Првата лига со постигнати повеќе од 85 поени. Ефект зад кој засега заостануваат Работнички (со 84.92) и МЗТ Скопје Аеродром со (84.58). Еуро Никел 2005 го загуби дуелот со Кожув, но кавадарчани остануваат на лидерската позиција на листата на најдобрите скокачи. Имаат просечни 37.83 скока по натпревар, малку повеќе во однос на МЗТ Скопје Аеродром (37.42), односно Кожув (36.83).

Од друга страна пак екипата од Гевгелија е најдобра, барем во овие 12. кола, во рубриката – асистенции. Во просек реализираат по 19.42 додавања по натпревар со кои го надминаа ефектот на Куманово (19.08), екипата која во меѓувреме остана без својот најдобар додавач, Марјан Младеновиќ.

Својата добра игра во одбраната тимот од Гевгелија ја заокружува со најголем број на освоени топки, по 11.25 на меч, а интересно, заостануваат Пелистер, МЗТ Скопје Аеродром и Академија ФМП  со индентични бројки- 8.58.

На онаа блокерска листа како најдобра фигурира екипата од Аеродром. Бранителот на титулата има просечни 3.83 блокади на една средба, пред Работнички со 3.33 и Кожув со 2.5.

Процентуално гледано, Гостивар потврдува зошто е на самиот врв на табелата. Од проста причина што избраниците на Марјан Србиноски се најдобри во процентите на реализација во шутот за два односно за три поени.

Гостиварци погодуваат со 60.75%  за два поени, пред Работнички кој има процент на реализација од 58.18% и Пелистер со 57.89%.

Лидери се и во шутот за три поени од каде се прецизни со 38.10% на успешност, што е подобар скор во однос на оној кој го имаат, на пример, Пелистер (37.50%) и Работнички со 37.39%.

Кога станува збор за тимовите кои имаат најдобра реализација од линијата за слободни фрлања, број 1 е МЗТ Скопје. „Аеродромци“ имаат реализација од 79.11% од таа позиција, пред Пелистер со 78.21% и Вардар со 74.74%.

Комплетната кумулативна статистика во Првата лига – мажи по 12. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК.