Кошаркарите на Пелистер одиграа уште еден одличен натпревар во Првата лига со кој ја потврдија лидерската позиција. Нивниот противник, екипата на Академија ФМП се закани само во неколку минути од третиот период. Но до крајот, се беше во знакот на „зелено-белите“ кои уште еднаш ја надминаа бројката од 100 дадени поени.
Впрочем екипата од Битола доминира во повеќе статистички категории. Во овој момент, по 16. рунди од шампионатот, се лидери според бројот на дадени поени, најдобро шутираат за два и за три поени, имаат и најмногу реализирани додавања.
Просекот на дадени поени им е 100.86 со кој се пред екипите на МЗТ Скопје Аеродом – 89.4 и Гостивар со 87.9.
Од позицијата за три поени погодуваат со 38.63% на успешност, пред Гостивар со 37.61% и МЗТ Скопје Аеродром кој е на 37.30%.
Што се однесува до шутот за два поени, Пелистер има 65.79% на успех, пред Гостивар со 61.3%, и МЗТ Скопје Аердором кој е на 58.33%.
„Пелистерци“ се први и на листата на најдобри асистенти во лигата. Имаат просек од 23.43 асистенции по меч, зад нивниот е ефектот на Гостивар со 21.5 и Еуро Никел 2005 со 19.7.
Единствената шутерска категорија каде што не се први е онаа за слободни фрлања. Број 1 во таа категорија е тимот на Еуро Никел 2005, чии кошаркари погодуваат со 78.06% на успешност. Пелистер е втор со 77.63%, пред Вардар со 76.57%.
Кај скокачките активности, екипата на Кожув води со просек 38.43 скока, пред МЗТ Скопје Аеродром со 38.22 и нивните помлади колеги од Аеродром со 38.08 скока.
На листата на екипи со најголем број на освоени топки водат екипите на Гостивар и на ТФТ со по 8.5 украдени топки на натпревар, а зад нив е МЗТ Скопје Аеродром со осум.
Најмногу топки пак, губат кошаркарите на Куманово 2009, по 17.5 по меч, пред Вардар со 16.77 и Еуро Никел 2005 со 15.15.
Листата на блокери ја предводи екипата на ТФТ, со просечни 3.33 блокади, пред ефектот на Куманово (3.25) и Работнишки со 2.89.
Кумулативната статистика во Првата лига – мажи по 16. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК