03.03.2020

КЛУПСКА СТАТИСТИКА ПО 16. ОДИГРАНИ КОЛА: Работнички игра најдобро во офанзивата, МЗТ Скопје Аеродром губи најмалку топки во нападот...

Во просек, избраниците на тренерот Димитар Мираковски реализираат по 86.75 поени по натпревар,

 

Редоследно гледано, според актуелните бројки од статистичкиот центар на КФСМ, екипата на Работнички има најдобар напад. Во просек, избраниците на тренерот Димитар Мираковски реализираат по 86.75 поени по натпревар, што е подобро во однос на поентерскиот ефект на Кожув од 85.19, и на Гостивар кој е трет на листата со просечни 83.65 дадени поени.

Најдобри бројки во оние скокачки активности има екипата на Еуро Никел 2005. Во просек, кавадарчани реализираат по 37.44 скока (збирно), пред МЗТ Скопје Аеродром со 37.13 и Гостивар со 36.31 скок на една средба.

Што се однесува до асистенциите, тука во предност, барем засега, е екипата на Кожув која има по 19.63 успешни додавања по меч. Следуваат Куманово со 18.69, односно Еуро Никел 2005 со 18.25 асистенции.

Гевгеличани се најдобри во рубриката освоени топки. Во просек имаат по десет освоени топки по натпревар. Зад нив се кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со 8.38 и Академија ФМП со 8.25 украдени топки.

Лидерот во шампионатот, МЗТ Скопје Аеродром е екипата која губи најмалку топки. Само по 12.88 по натпревар.

Пред Еуро Никел 2005 со 13.44, и Кожув со 13.56, додека далеку напред во оваа категорија е екипата на Пелистер, чии играчи во просек губат по 18.44 топки на меч.

Процентуално гледано, Работнички има најдобра реализација за три поени – 38.03%. Следуваат Пелистер со 36.70% и Гостивар со 35.19% на успешност од таа позиција.

Во онаа која вреди два поени, најдобар тимски ефект засега има Гостивар, чии кошаркари погодуваат со 61.81% на успех. Зад нивниот е ефектот на Работнички (59.93%) и на Кожув (58.72%).   

Најдобра реализација од линијата за слободни фрлања во 16. Одиграно кола има екипата на Пелистер. Нивниот просек изнесува 78.64%, следува оној на Кожув од 76.38% односно на МЗТ Скопје Аеродром кој е на 75.90% на успешност.

Комплетната кумулативна статистика во Првата лига – мажи по 16. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК.