19.03.2021

Неверојатниот меч во Битола на кавадарчани им донесе многу подобри бројки

КЛУПСКА СТАТИСТИКА ПО 18. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Еуро Никел 2005 со многу подобра „слика“

Колку еден натпревар може да биде значаен за еден тим, потврди и оној пред некоја вечер, одигран во Битола, а во кој Еуро Никел 2005 го изненади и победи лидерот во Првата лига- Пелистер.

Оние 122 реализирани поени се рекордните за екипата од Кавадарци, не само во оваа сезона, туку и во многу претходни.

„Видливо“ во статистичкиот дел кој вели дека Еуро Никел 2005 сега е на второто место на листата на екипи со најголем број на реализации.

Имаат просечни 89.31 поени по меч, а подобар скор од овој е само на тимот кој го победија. Пелистер е далеку напред, со уште повисоки 101.77 поени по натпревар.

Екипата од Кавадарци важи за најдобра во реализацијата на слободните фрлања. Избраниците на Горан Самарџиев го прават тоа со 78.18% на успешност.

Во овој момент, се и трети на листата на реализатори за два поени. Имаат 58.55% на реализација од тие позиции вредни по два поени.

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром пак има најдобра реализација во шутот за три поени (39.32%).

По најголема заслуга на Амир Смит, екипата на ТФТ го превзема приматот на најдобра скокачка, има просечни 38.6 скока, пред двете екипи од Аеродром.

Екипата од Тафталиџе е и прва според бројот на поставени блокади, во просек по 3.53 по натпревар, додека на листата на најдобрите асистенти, лидерското место го зацврстија битолчани кои сега имаат просек од 24.88 додавања.

Гостивар е екипата која има најмногу освоени топки, по 8.38 на натпревар, додека пак најмногу топки губат кошаркарите на Куманово 2009, по 17.38 во просек.

Кумулативната статистика во Првата лига – мажи по 18. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК

ФОТО: Димитар Петковски