Водечките екипи на табелата го потврдуваат својот рејтинг и преку оние статистички податоци.
Па така во овој момент, по одигрувањето на три (некомплетни) кола, екипата на Работнички е онаа која со право е на позицијата број 1. Пред сè, затоа што во просек реализира најмногу поени. Просечно по 93.67 поени што е подобро во однос на оној кој го има екипата на Еуро Никел 2005 (87.3), и составот на Академија ФМП (85.6).
Кога станува збор за оние скокачки параметри, тука во водство, сосема изненадувачки, е најмладата екипа во шампионатот – МЗТ Скопје Уни банка. Младите кошаркари во „сино-бела“ комбинација имаат по 44. скока по натпревар, нешто повеќе во однос на Куманово 2009 со 41.3, и Црн Дрим Грин мобил чиј просек на скокови изнесува 38.5.
Екипата од Кавадарци може да се пофали дека има најголем просек во оној дел наречен асистенции. Еуро Никел 2005 е на просечни 23.6 додавања по меч. Зад нивниот е ефектот на вечните ривали, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички кои имаат просечни 19. асистенции по натпревар.
Процентуално гледано, во реализацијата на ударите вредни по три поени, во преден план е досегашниот ефект на екипата на Кожув. Гевгеличани во просек реализираат со 46.67% во шутот за три поени. Нешто понизок процент има екипата на Работнички, (43.33%), и онаа на Еуро Никел 2005 (37.68%).
Во обидите за два поени, лидерска екипа е Академија ФМП. „Пантерите“ од Кисела Вода погодуваат со 65.74% на успешност. Тоа е подобар резултат во однос на оној кој го имаат кошаркарите на Работнички (64.21%), и на Еуро Никел 2005 (62.5%).
Од линијата за слободни фрлања, најдобар ефект има екипата од Кавадарци. Кошаркарите на Еуро Никел 2005 реализираат со 78.26%, додека оние на Кожув и на Работнички со нешто пониски, 75% на успешност.
Кумулативната статистика во Првата лига – мажи по 3. одиграни кола, можете да ја најдете на следниот ЛИНК
Со напомена дека станува збор за некомплетирани податоци, ако се земе в предвид дека екипите на Вардар и на Пелистер досега не одиграа ниту еден натпревар во натпреварувачката сезона 2020/2021.