Според оние статистички информации од центарот за статистика на КФСМ, екипите од Гевгелија и од Кавадарци покажаа дека се подготвени да „трчаат“ до местата кои водат кон Суперлигата односно плеј-офот.
Кожув
Полека но сигурно кошаркарите на Кожув се пробија на делба на првата позиција во Првата Лига.
Во осум одиграни кола, тимот од Гевгелија реализираа вкупно 680.поени. Или во просек по 85. поени по натпревар. Тоа е втор најдобар скор во лигата во овој момент.
Од друга страна пак Кожув е најдобрата скокачка екипа во конкуренцијата на другите девет прволигаши. Во просек имаат по 39. скока по меч, или еден повеќе во однос на Еуро Никел 2005
Гевгеличани одлично котираат и во третата според важност категорија- асистенциите. Имаат реализирано скоро по 20. успешни додавања, што е втор скор во Првата лига.
Гостивар
Поразот од Куманово дојде во еден доста незгоден момент за кошаркарите на Гостивар. Тоа се почувствува и во оние статистички параметри, малку пониски во однос на претходните рангирања.
Гостиварци сеуште го имаат најдобриот напад, во просек даваат по 88. поени, освен тоа имаат и по 18.13 асистенции и 35.63 скока по меч, за шесто место на рејтинг листата.
МЗТ Скопје Аеродром
По осум одиграни кола, кошаркарите на МЗТ Скопје се „симнаа“ на четвртото место според бројот на реализации. Имаат 677 поени (просек од 84.63 по меч), просек од 35.88 скока, како и 16.75 додавања по натпревар, што е ниско, седмо место во лигата која брои десет екипи-учесници.
Еуро Никел 2005
Екипата од Кавадарци направи приклучок со водечките екипи во шампионатот, со идентичен ефект од шест победи и два порази.
Бројките на тимот кој од клупата го предводи Горан Самарџиев соодејствуваат со актуелниот пласман на табелата, на позицијата број 4.
Во просек кошаркарите на Еуро Никел 2005 реализираат по 84.63 поени, 38.скока, што според актуелните бројки се втори најдобри во лигата, односно 17.88 додавања на еден натпревар, шести резултат во вкупниот поредок.
Работнички
Некогашниот првак дојде до здив, и макар за миг, со убедливиот триумф над Вардар, ги крена и оние статистички параметри кои ги имаше загубено.
По осум одиграни натпревари се на четвртото место според бројот на постигнати поени – 677 (просек од 84.63), трети се според бројот на скоковите – 37,38, но и на листата на најдобри асистенти -18.50.
Куманово 2009
Кумановци го направија најголемото изненадување во овој првенствен круг. Го поминаа Гостивар, покажаа дека имаат екипа која е составена од поединци кои знаат да играат, и пред се, и тоа како добро да додаваат.
Лидерската позиција кај асистентите ја потврдија и и на гостувањето во Гостивар, па сега се на уште повисок просек од – 20.13 асистенции по средба.
„Сино-белите“ од Куманово имаат и по 37.35 скока (четвртти резултат во лигата) и просек од 78.63 поени.
Пелистер
Пелистерци се „тука некаде“ на границата од 80. реализирани поени по натпревар, што е сосема добра бројка за екипа која во овој момент е на позицијата број 6 во Првата лига.
Освен тоа битолчани го подобрија и просекот на скокови, па сега имаат по 34.38 скока, но и кај асистенциите, по 18.25 на меч, скор со кој се четвртти во крајното рангирање.
Академија ФМП
Последни актуелни бројки за „пантерите“ се во рамките на нивниот моментален пласман на табелата. Имаат реализирано 623. поени – просек од 77.8 на еден натпревар, потоа загрижувачки 31.13 скока со кои се на последното место во елитната дивизија, односно 15.5 асистенции.
Вардар
Лошата игра во дуелот со Работнички „Под Кале“ го расипа оној генерален впечаток кој „црвено-црните“ го имаа во тие седум кола. Вклучително и најдобрата статистичка компонента - скокачката.
Па сега, по ова осмо коло, „вардарци“ се седми во рејтингот, со просек од 36.63. скокови, доволно за седмо место.
А очекувано се далеку назад според бројот на дадени поени – 558, со кој паднаа под бројката на реализации од 70.поени (поточно 69.75 по натпревар).
МЗТ Скопје – Уни Банка
Недостиг од искуство и дефинитивно со себе носи и нешто помали бројки во скоро сите статистички параметри кои се бројат под името на МЗТ Скопје Уни Банка.
Во овој момент младите „металци“ имаат постигнато 554.поени (69.2 по натпревар), остварено 264.скока (33.00), и 109. успешни додавања, што чини просек од 13.63 по натпревар.
НАПОМЕНА: Комплетната кумулативна статистика во Првата лига – мажи по осум одиграни кола, може да се погледне со кликање на имињата на клубовите во текстот.