Кошаркарите на Карпош соколи успеаја да го направат тоа што пред точно една година МЗТ Скопје Аеродром ги спречи – да испишат нова страница во клупската историја. Избраниците на Драган Николиќ го совладаа Фени индустри со 80-69 (21-20, 21-17, 13-15, 25-17) во финалето од ЛИМАК Купот на РМ и со тоа ја освоија првата клупска титула во држаното Куп-натпреварување.
Сите играчи од стартната петорка на Драган Николиќ се запишаа во листата на стрелци во првиот период (Пенов, Трајковски, Пери, Лабовиќ и Мавра), но сето внимание од трибините беше насочено кон младиот македонски репрезентативец Андреј Магдевски кој имаше ’свој ден’. Младиот бек во моменти кога на Фени индустри му беше најпотребно знаеше како да ги разигра своите соиграчи, реализира тројка за прво водство (17-20) и го присили условниот домаќин да ја менува тактиката откако го загуби водството. Ѓекиќ собираше сè што беше заброавено под обрачите, но неговите соиграчи не можеа да го префрлат на спротивната страна толку лесно. На полувремето се замина со 42-37, предност за „соколите“.
Акцентот беше ставен на одбраната во вториот дел од натпреварот. Лабовиќ и Трајковски имаа свое мини шоу на паркетот, па Карпош поведе и со десет поени (49-39).Следеше криза во таборот на „соколите“ од што профитираа кавадарчани. Разликата се намали на минус три поени (55-52), но двете загубени топки во два напади едноподруго беа кобни за условниот гостин. Зековиќ реализира три поени, па Лабовиќ и Мавра придонесоа за нова двоцифрена предност која на пет минути до крајот на натпреварот се покажа како недостижна за кошаркарите на Фени индустри.
Стрелци на натпреварот:
Карпош соколи: Доминик Мавра (21 поени), Драган Лабовиќ (17 поени), Бојан Трајковски (12 поени), Кендрик Пери (13 поени), Драган Зековиќ (13 поени)
Фени индустри: Кирил Николовски (17 поени), Андреј Магдевски (10 поени)