22.02.2021

Денеска во Перм, бараме реванш против Естонија, да победиме со најмалку девет поени предност, и да се пласираме на ЕП

Кога е најтешко, да бидеме најдобри!

Естонија стои на патот на Mакедонијa за настап на уште едно големо натпреваrување во репрезентативната кошарка. Европското првенство кое ќе се одржи наредната годiна во четири различни земји.

Уште пред „балонот“ во Перм, знаевме дека многу веројатно, средбата, онаа последната од групата „Б“ во квалификациите, ќе биде и одлучувачка.

Но откако Естонија прва направи „брејк“ и ја победи Италија, шансите ни беа двојно помали.

Но не би биле ние тоа што сме, за да бидеме најдобри кога за тоа беше потребно.

Го вративме „брејкот“, Естонија не ја победи Русија, и еве нè, одново на почетокот. Како да не сме одиграле дури три натпревари во четири дена.

Одново пред селекторот Александар Тодоров и неговите избраници е првобитно поставената цел.

Да се победи Естонија, со разлика поголема од она со која го загубиме првиот меч во квалификациите. Во Скопје беше (81:72) за Естонија, во Перм сакаме да биде обратно. Да бидеме за кош подобри од кошаркарите кои доаѓаат од Балтикот.

Нема да биде нималку лесно, напротив...

Покрај Естонците кои покажаа сила токму во дуелот со Италија, имаме и други пречки, од персонален карактер.

Ненад Димитријевиќ и Дамјан Стојановски имаат повреди. Првиот ја заработи на средбата со Италија, вториот пак во пресметката со Русија.

Дамјан стисна заби, заигра, помогна во дуелот со аѕурите. Ќе биде во тимот, истото го очекуваме и од Ненад, чиј настап е ставен под знак прашалник се до почетокот на средбата со Естонија закажана за 15. часот, а ќе биде пренесувана на програмата на Спорт Клуб 1 HD.

Потребно е нивното присуство на пакетот во „Молот“ Арената денеска. Со заеднички сили да ја совладаме Естонија со двоцифрена разлика, и да стигнеме до целта – Евробаскетот.   

„Денеска пред нас ќе имаме два тешки противника: силната естонска репрезентација и нашиот замор кој е уште поголем проблем, особено ако знаеме дека веројатно ќе играме без Ненад Димитријевиќ“- кажа селекторот Тодоров по големата победа над Италија која ни ги остави „живи“ шансите за учество на ЕП.

Андреј Магдевски знае што треба да се прави на денешниот меч на кој влогот е огромен.

„Денеска треба да дадеме максимум од нашите можности, дури и повеќе од тоа. Сакаме да дојдеме до нашата цел во овие квалификации, а тоа е пласман на Европско првенство. Нема да ни биде лесно, особено ако се знае дека Дамјан и Нено имаат проблеми со повредите. Но, ако играме како во второто полувреме од средбата со Италија, мислам дека ќе бидеме на добар пат и да ја реализираме“- порачува нашиот репрезентативен бек пред мечот на одлука во квалификациите.