09.03.2020

Кои се 10 најдобри поединечни изданија во 17. коло: Младеновски и Олуџоби во мртва трка – до индекс 28!

Центарот на Работнички, Љубомир Младеновски и крилото на МЗТ Скопје, Олуфеми Олуџоби, ја предводат листата со најдобри поединечни остварувања во изминатата првенствена рунда.

 

Ефектот на репрезентативецот од редовите на Работнички, кога се бројат оние индексни поени е идентичен со оној на Олуфеми Олуџоби, крилото на МЗТ Скопје Аеродром.

Љубомир Младеновски и Олуфеми Олуџоби беа во „преден план“ во 17. Коло, претпоследно во онаа прва фаза од Првата лига.

Макар што нешто „потешка задача“ во овој круг од натпреварите имаа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром кои разигруваа против Еуро Никел 200, додека пак Работнички, барем „на хартија“, имаше полесен противник во Вардар.

Како и да е, на средбата која наместо во „Градски парк“ се одигра во СРЦ „Кале“, репрезентативецот на Работнички реализираше дабл-дабл ефект од 13.поени (4/6 за два и 5/7 за еден поен) и 11. скока (два офанзивни). Имаше и три асистенции, исто толку блокади и две освоени топки за 28:22 минути.

До ист индекс-28, стигна и крилото на актуелниот шампион. Олуџоби реализираше 22.поени (2/2 за три, 5/7 за два и 6/6 за еден поен), шест скока, три асистенции, две загубени топки, и една блокада за 25:50 минути.  

Еден индексен поен помалку од водечкиот двоец, има „трилингот“ Крстевски-Мекиќ-Зекири.

Репрезентативниот крилен центар на МЗТ Скопје Аеродром против кавадарчани постигна двоен ефект. Изразен преку реализација на 13.поени (1/2 за три, 4/6 за два и 3/3 за еден поен), 12.скока (три офанзивни), четири асистенции и една блокада за 30:46 минути на теренот.  

Јетмир Зекири е играчот кој реализираше најмногу поени во ова коло, вкупно 26. Со висока реализација (3/4 за три, 7/12 за да и 3/3 за еден поен). Го дополни со осум скока, четири загубени топки, две освоени и една блокада за 37:38 минути во игра.

Го следеше Адем Мекиќ, кој остана на теренот цели 39:33 минути. И тој имаше дабл-дабл учинок, односно 16.поени (0/1 за три, 7/12 за два и 2.2 за еден поен). Но и десет скока, пет асистенции, четири освоени топки, и две загубени.  

Во ова 17.коло од Првата лига, вреди да се одбележат и ефектите на Томас Зданавичиус од Кожув, кој исто така имаше индекс-27, како и оние на Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром), Александар Лонг (Академија ФМП) и Џуниус Прувел од Вардар.

ИНДИВИДУАЛЕН ЕФЕКТ - 17. КОЛО

Љубомир Младеновски (Работнички)         индекс 28

Олуфеми Олуџоби (МЗТ Скопје Аеродром)          индекс 28

Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)    индекс 27

Адем Мекиќ (Пелистер) индекс 27

Јетмир Зекири (Пелистер)        индекс 27

-----------------------------------------------------------------

Томас Зданавичиус (Кожув)     индекс 27

Горан Главчев (Академија ФМП)       индекс 26

Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)           индекс 25

Александер Лонг (Академија ФМП) индекс 23

Џуниус Прувел (Вардар)            индекс 23