02.10.2021

Викендов, почеток на новата, 30. по ред, сезона во Првата лига-мажи

Кои се очекувањата на тренерите на нашите прволигашки екипи пред почетокот на сезоната 2021/2022 (1)

А кои се очекувањата на тренерите на 12. прволигашки тренери непосредно пред почетокот на натпреварувањето во Првата лига-мажи

 (САБОТА, 14.00): ФЕНИКС 2010НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП

Денис Дервишевиќ (тренер на Феникс 2010):

„Дебитираме во прволигашката сцена со еден од најмладите состави во лигата. Со неколку играчи од У18 репрезентацијата како Андреј Митревски, Теон Богатиновски, Амар Хот и Марин Петков, и У16 како Димевски, Чурлинов, Костиќ и Стојковиќ. Но тоа е начин на работа на овој клуб и истиот ќе го задржиме и понатаму, а искуството кое ќе го добијат овие играчи ќе биде од огромна важност за нашата кошарка.

Го задржавме и ‘костурот’ на тимот од претходната сезона и ангажиравме неколку искусни играчи кои треба да донесат стабилност. Нема да биде лесно во текот на сезоната, тоа и го очекуваме, но без разлика на секој натпревар ќе влегуваме со цел да оствариме победа. Целта ни е да го задржиме местото во Првата лига и во следната сезона и одиме чекор по чекор. Претсезонските натпревари ни дадоа назнаки за тоа што треба да поправиме во нашата игра. Работиме на тоа, и сметам дека како што ќе се одвива сезоната, така ќе напредуваме се повеќе и повеќе“.

Александар Петровиќ (тренер на Навико Академија ФМП):

„Во новата година ќе играме во две натпреварувања и мислам дека ќе бидеме задоволни доколку успееме да го повториме успехот од претходната година во влез во плејофот. Нашиот тим е склоп на двајца искусни и млади играчи и очекувам поголем напредок на оние кои претходната сезона добија шанса. Нè очекува доста интересна сезона со изедначени тимови. Оваа сезона имаме пет тимови кои играат во Европа, плус овие два во АБА2 па од тој аспект лигата е посилна од претходната година и ќе биде поинтересна. БИБЛ лигата нема да биде наш приоритет. Целта останува што подобар настап дома и навистина ќе биде добро доколку успееме да го повториме минатогодишиот успех. Ќе ни треба и малку поширок ростер и не ја исклучувам можноста да го засилиме тимот во текот на сезоната“.

(САБОТА, 16.30): МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА - РАБОТНИЧКИ

Перо Блажевски (тренер на МЗТ Скопје Уни Банка):

„И оваа сезона продолжува успешната приказна на МЗТ Скопје Уни Банка која има за цел од подмладокот на клубот да создаде кошаркари кои ќе дадат голем допринос во македонската кочарка. А такви кошаркари ќе се создадат доколку самите сфатат дека работните навики и професионалното однесување се важен дел од кошаркарската игра.

Оваа сезона ја започнуваме со натпреварот со Работницки кој претрпе големи промени на играчки план. Ние остануваме на нашиот план дека без разлика на противникот, ќе се обидеме достојно да пружиме отпор, а со тоа и да внесеме поголема самодоверба кај нашите млади момциња. Иако сме дефицитарни со високи играчи, ќе се обидеме да го анулираме тоа со добра одбрана и тимска игра во нападот. Посакувам желбата за докажување кај овие млади играчи да резултира со добра кошаркарска претстава без разлика на крајниот исход“.

Тони Симиќ (тренер на Работнички):

„Имаме целосно променета екипа и стручен штаб со некои 35 до 40 дена подготовки и засега сум задоволен од смисла на залагање на играчите на самиот тренинг како и Суперкупот каде пресуди немањето искуство на играње на ваков вид натпревари кај поедини играчи. Грешките се грешки тоа се надополнува, но клучно беше искуството за овој млад тим. Кратко време сме заедно и овие играчи сеуште не се распознаваат на висински начин и мислам дека како одминува сезоната ќе биде на уште повисоко ниво и поголем квалитет. Целите за сезоната со оглед на промената на играчкиот и тренерскиот кадар е да се стабилизира клубот и да почне да доликува за Работнички, нешто што за нас е многу важно. Амбициите конкретно е што е можно повеќе од младите играчи да испливаат на крајот на сезоната како носители за следната година и очекувам пласман барем во првите шест. Не бркаме шампионски титули, но сакаме да растеме од натпревар во натпревар“.

(САБОТА, 18.00): ЕУРО НИКЕЛ 2005 - ГОСТИВАР

Горан Самарџиев (тренер на Еуро Никел 2005):

„Составивме тим за нашите амбиции, имаме промена на бековските позиции и ќе ни биде потребно време да го воиграме. Одигравме помалку натпревари во претсезоната од тоа што треба. Но задоволен сум од тоа што го прикажавме и гледам место за напредок. Амбициите остануваат исти – висок пласман во лигата кој повторно нема да биде лесен со оглед на тоа што многу тимови сериозно се засилија за новата сезона. Се надевам дека ќе биде коректно првенство, без несакани сцени и ќе се врати публиката на трибините“.

Александар Јончевски (тренер на Гостивар): 

„Задоволен сум како момците го прифатија начинот на работа, почитувањето на принципите за сето тоа донесе еден систем кој ќе функционира во текот на целата сезона. Многу битно е да нема повреди и заболени кои би ги оддалечило од посакуваната форма. Очекувањата се секогаш КК Гостивар да се покаже во најдобро светло. Особено доколку биде овозможено истото пред домашна публика. Доколку се почитуваат принципите и системот функционира, многу е реално да се најдеме во горниот дел од табелата односно Суперлига. А таму би одлучувале детали“.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО

2. ОКТОМВРИ (САБОТА):

14.00: Феникс 2010 – Навико Академија ФМП

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ - Скопје

16.30: МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ - Скопје

18.00: Еуро Никел 2005 – Гостивар

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

3. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА):

18.30: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Младост“ - Битола

4. ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

17.30: Кожув - ТФТ

Сала „26.април“ - Гевгелија

18.00: Куманово 2009 – Ангели

Сала „Перо Наков“ - Куманово