31.01.2020

КОМЕМОРАЦИЈА ЗА БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР: БЕШЕ ОЛИМПИОН ВО ВИСТИНСКАТА СМИСЛА НА ЗБОРОТ

Некои животни приказни се тажни и нечесни. Но, токму таквите оставаат најдлабока тага во вечноста. Токму тие, најмногу инспирираат.

 

Денеска се обидовме, сите заедно да се сетиме на големиот Благоја Георгиевски-Буштур.

Беше Олимпион во вистинска смисла на зборот. Среброто на игрите во Монтреал и од Европското првенство во ДДР за македонскиот спорт имаат златна вредност.

Исто онака како извиците во салата во „Градскиот Парк“

„Буштур Мајсторе“ !

На комеморацијата посветена на македонскиот кошаркарски великан присутни беа голем број од неговите поранешни соиграчи, пријатели, но и почитувачи на неговиот кошаркарски и животен опус, меѓу кои беа и Лазар Лечиќ, кошаркарскиот татко на популарниот Буштур, како и Богдан Тањевиќ, едно од најголемите имиња на просторот на поранешна СФР Југославија.

Oд Георгиевски се простија Тодор Гечевски, спортскиот директор на КФСМ, кој се потсети на неговата големина не само како кошаркар туку и како човек, забележувајќи си себе си што не го одржал ветувањето за заеднички риболов, нешто што беше нивна заедничка љубов.

Сеќавања на легендата на Работнички искажаа и Васил Тупурковски, првиот човек на МОК и пријател со Буштур повеќе од пет децении, неговиот поранешен соиграч Драган Радосављевиќ, како и неговиот голем другар, актерот Ѓокица Лукаревски.

Тодор Гечевски „призна“ дека му останало жал за една работа, што не отишол на риба со човекот кој практично го внесе во играта со портокаловата топка.

„Тешко е да се зборува во вакви моменти. Наместо заедно да ги славиме неговите успеси, сега ќе мораме да го збориме тоа без него. Буштур беше добар човек на добар глас. Ми дојде сликата на нашето запознавање, во Кавадарци кога ме повика да играм за кадетите...спиев во негов дом... Колеги во кошарката и риболовот... Жал ми е што не отидовме по риба заедно... Се надевам дека сега таму горе дава кошеви и фаќа големи риби“- рече Гечевски на комеморацијата на легендарниот кошаркар. 

 

Благоја Георгиевски беше уметник во спортот во кој се повеќе доминира силата наместо вештината. Беше еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња. А тажните емоции на луѓето кои го познаваа и надвор од кошарката зборуваат за неговата човечка големина.

Еден од нив дефинитивно беше познатиот македонски актер, Ѓокица Лукаревски.

Не издржа големиот шегобиец, и него го совладаа емоциите...

„Како јас со 160 сантиметри да ја минам целата младост и живот со него? Тоа и самиот се прашувам. Уште од дете беше спортски талентиран, па беше и шампион во пинг-понг на град Скопје, а после израсна во феноменален кошаркар. Секој ден трчавме во парк, па цел ден му враќав топки за да го допрецизира шутот. Луѓето од кошарката не знаеја да го искористат сиот негов потенцијал, неговиот талент. Но, тој го надмина сето тоа, прифати само да биде дел од Управни одбори. После самиот се повлече, сметајќи дека е отфрлен. После тоа се посвети на риболовот, па неретко ми се јавуваше среде ноќ да ми каже колкави парчиња фатил. Ќе остане дел од мене засекогаш, а ние до крај ќе останеме горди на него“ - рече Лукаревски.

 

Со солзи во очите говореше и првиот човек на Македонскиот Олимписки комитет, др. Васил Тупурковски.

„Голема загуба, шокантна, неприфатлива вест, со која не знаеме да се носиме. И таа празнина нема да може со ништо да се пополни, не зборувам само како кошаркарка легенда, не зборувам како претседател на МОК, не зборувам ниту за големите дела и спортските работи кои сме ги работеле, туку зборувам за она што интимно го чувствувам – пријателството. Тоа не се мери со ништо. Беше неверојатен пријател, комуникативен, духовит, човек кој секогаш сака да те насмее, да те расположи... Едноставно – голем човек. Во право беше Тањевиќ, горе има подобра екипа од тука“ - рече Тупурковски.

И колку да поминува времето, некои денови едноставно остануваат непроменети. Понекогаш врз нив ќе падне и по некоја животна грижа, некои помалку важни детали срамежливо ќе се поместат за да им отстапат место, мемориско место на некои подоцна, но се она што е важно и понатаму е тука. Недопрено...

Човек не се раѓа како легенда, тој станува легенда, рече првиот човек на Град Скопје, Петар Шилегов:

„Човек не се раѓа како легенда, но станува легенда со ангажманите и со она што го прави. Кога ќе кажете Скопје мора да мислите на Буштур, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, кој остави свој белег. Имав шанса да се дружам со него. Веројатно е реткост некој да дава таква љубов кон неговиот Работнички… Со Буштур ме поврзуваат два интимни моменти. првиот е неговиот меч во 1974 година против Локомотива Загреб, сегашна Цибона, кога ја разбрав магијата и ја засакав кошарката, а вториот е во 1984 година за време на неговото збогување со активното играње“- истакна градоначалникот на Град Скопје.

 

На некои луѓе им е судено да бидат легенди, и засекогаш да ги паметиме по добро....

Тоа е единственото објаснување по загубата на Буштур, и сите добро знаеме дека тоа не е доволно добро.

Беше човек. Голем човек.

 

Семејството, пријателите, неговите соиграчи, другари, сите оние со кои ги делеше сите работи во животот ќе можат да се простат, за последен пат, да се збогуваат со Благоја Георгиевски во сабота, на 1.февруари.

Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12.до 13.часот, во капелата на Градските гробишта во Бутел, каде ќе биде извршен и погребот на популарниот Буштур.