Македонската кошарка од пред неколку дена е „посиромашна“ за уште еден великан, тренерски. И повеќе од тоа. Останавме без, како што ние од кошаркарскиот свет знаеме често да го наречеме така, најголемиот „талент за откривање“ на добри, на одлични кошаркари, момци кои подоцна клупската униформа најчесто ја менуваа со онаа репрезентативната.
Сите што добро го познаваат, и минале низ неговите раце, велат скенираше од далеку. Знаеше да ги препознае талентите со еден поглед, и никогаш не погреши во својата работа.
Немаше намера да застане, напротив...
Продолжи да го работи она што најдобро го знае и умее, да ги анимира најмладите, до онаа почетна фаза од она што се нарекува „влез“ во кошаркарскиот свет. Да почне да ги учи децата на првите кошаркарски чекори, што се вели да проодат, како вовед во она што им следува во кариерите, оние кошаркарските.
И се стави на располагање на федерацијата, да започне уште една своја мисија под нашето поднебје, да направи уште многу идни кошаркари. За жал на сите, за последен пат..
Во свој стил, без штедење, без „забошотување“, како што знаеше да каже.
Ги засука ракавите и во „Кале“ се симна на теренот, да работи со иднината на македонската кошарка. Онака шмекерски, мераклиски, да им го приближи кошаркарскиот свет на оние 12-13 годишни момчиња и девојчиња.
Можеше да направи многу повеќе. Ќе ги направеше новите Перо, Емил, Станко, да не си заминеше предвреме.
Верувамe дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурни сме дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе.
Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи, другар, пријател и семеен човек. Човек за пример – легенда.
Црна за македонската кошарка. Си замина Буштур, сега и Цевка.
Уште една од оние лоши работи по кои ќе ја паметиме оваа 2020 година.
Трагедија...
Нека ти е лесна земјата, батка. Ќе ни недостасуваш.