18.12.2020

...

Компаративна статистика по 8. одиграни кола во Првата лига-мажи

АКАДЕМИЈА ФМП

Кошаркарите на Академија ФМП во просек реализираа(т) по 87.5 поени на домашен и нешто помали, по 82. поен на гостински.

Интересно во нивната споредбена статистика во четирите одиграни натпревари, стои дека имаат подобра реализација во обидите за еден односно за три поени кога играат на гостински паркет. Дури имаат и повеќе скокови, а и блокади.

ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ

Стружани одиграа четири средби досега. И многу подобро нивната офанзивна игра изгледа кога играат надвор од Струга. Имаат просечни 82.67 поени кога играат како гости, а само 69 пред својата „публика“. Слични се и другите параметри. Велат дека стружани подобро реализираат во шутот за еден и за три поени, имаат повеќе скокови и додавања, но и загубени топки.

ЕУРО НИКЕЛ 2005

Еуро Никел 2005 одигра четири од планираните осум натпревари досега. Доста добро го користат домашниот терен, на кој во просек постигнуваат по 96.поени. Далеку повеќе отколку на гостински – 84.33.

Исто така имаат подобра реализација во обидите вредни за два и за три поени, но не и од линијата за слободни фрлања.

Секако треба да се земе в предвид дека кавадарчани имаат едно „домаќинство“ и дури три гостувања во досегашниот дел од првенството.

ГОСТИВАР

Со оглед на тоа дека досега одиграа три од четири средби на домашен терен, јасно е дека бројките се на онаа домашна „страна“. На мечевите одиграни во салата „Младост“, гостиварци имаат просечни 95.67 поени, на единственото гостување, примија 75.поени. И сите други статистички параметри, очекувано, одат во прилог на тоа дека се реализирани на теренот во Гостивар.

КОЖУВ

Зад кошаркарите на Кожув се само три одиграни натпревари. Два од нив на теренот на противниците, еден дома, во Гевгелија на кој реализираа 84.поени. Доста повеќе во однос на оние две гостувања, каде дадоа само по 68.5 поени во просек. Тој еден меч не треба да биде мерило, но тимот на Александар Јончевски одигра многу подобро отколку на гостувањата со ТФТ и со МЗТ Скопје Аеродром, макар што загуби од Работнички.

КУМАНОВО 2009

Екипа со најмногу одиграни натпревари во лигата-пет. Скор, три победи и два порази, и приближно слични вредности во споредбата, дома/гости. Кумановци дале малку повеќе поени на гостински терен, 82.33 во однос на домашниот 81.5. Имаат послаба реализација на слободните фрлања, но подобра во обидите за два поени, скоро индентична од линијата зад 6.75 метри (по 30%).

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Два домашни и еден гостински натпревар се зад кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром. И интересно, просекот на дадените поени е многу повисок кога играле надвор од СЦ „Јане Сандански“. На гостувањето кај Работнички дадоа 90. поени, додека на оние две средби дома, тој просек е 78.

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА

Најправилна рапределба, по две средби на домашен, и исто толку на гостински паркет. Макар со поразителен ефект- четири порази. Факт е дека играле подобро на домашен терен, давале по 75. поени, повеќе во однос на гостинските – 69.5. Изненадувачки, процентот на реализација е подобар на гости. Особено во шутот за еден и за три поени, но не и за два, каде младите „металци“ имаат само 24%. Голема е и разликата во бројот на остварените скокови (94 спрема 63)

РАБОТНИЧКИ

Максимален број на победи имаат и кошаркарите на Работнички. За разлика од битолчани, две од нив на гостински терен, реализирани со просечни 93.5 поени. За нијанса помалку во однос на мечот со МЗТ Скопје Аеродром во „Градски парк“ кога „црвено-белите“ дадоа 94. поени. Послабо реализираа од линијата за слободни фрлања на гости, но се многу подобри во обидите за три поени.

ТФТ

Новакот во оваа конкуренција одигра четири натпревари. Два на домашен, и исто толку на гостински терен. Дојдоа ди три победи, а одиграа, статистички барем, со подобри бројки на гости. Имаат реализирано по 89.5 поени на гости, а 82.5 како домаќини. Со подобра реализација за два поени на гостински паркет (58.82%) во однос на другите две категории (за еден и за три поени). Имаат остварено и пет скока повеќе на оние домашни натпревари.

ВАРДАР

Единствената екипа без победа во три одиграни од планираните осум натпревари. Два од нив „вардарци“ ги загубија на домашен терен, а еден катастрофално на гостувањето во Битола. Таму дадоа 72. поени, додека на средбите во „Кале“ беа далеку поефикасни – просечни 89. поени.

Лошото издание во Битола, заедно со малиот број на одиграни натпревари, реално, не ја дава вистинската слика за можностите на „црвено-црните“.

ПЕЛИСТЕР

Единствената екипа која сите три натпревари во оваа прва фаза, ги одигра на домашен терен. Сите се реализирани со максимален ефект, три победи.

Комплетната споредбена статистика на екипите од Првата лига-мажи – на следниот ЛИНК