Со одигрување на натпреварот помеѓу тимовите на Шкупи и Куманово официјално се комплетира регуларниот дел на првенството во Првата лига во машка сениорска конкуренција. Вкупно двесте и дваесет натпревари беа одиграни од почетокот на тековната натпреварувачка сезона, низ дваесет и две кола, кои ги дадоа шесте патници во највисокиот степен на натпреварување - Супер лигата како ни преостанатите пет борци кои ќе се надигруваат за опстанок во елитната конкуренција.
Бранителот на ланскиот шампионски трофеј, Работнички, со само два запишани пораза е на врвот на табелатa со 38 бода, еден повеќе од ланскиот вицешампион и градски ривал МЗТ Скопје Аеродром. Третото место на табелата му припадна на тимот на Блокотехна, а во Суперлигата ќе се натпреваруваат уште Гостивар, Кожув и Куманово. Првите четири пласирани тимови ќе се борат за шампионскиот трофеј во плеј-офот.
Во Плејаут лигата пак ќе се надигруваат Фени Индустри, АВ Охрид, Пелистер, Вардар и последно рангираниот во ова натпреварување - Шкупи. Последно пласираниот од Плејаут лигата ќе одигра бараж натпревари (дома-гости) со второпласираниот од Втората лига за место во Првата лига мажи за идната 2019/2020 сезона.
Натпреварите од двете лиги, и Плејаут и Супер лигата ќе започнат идниот викенд (6. април).