09.02.2020

КОМПЛЕТИРАНО 15. КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА; МЗТ Ја брани позицијата број 1, на втората се Гостивар и Работнички...

Пред паузата поради настапите на сениорската селекција во квалификациите за ЕП 2021, МЗТ Скопје Аеродром ја победи Академија ФМП со (71:66), за ефект (12-3). Остана на чекор пред Гостивар и вечниот ривал, Работнички, кој беше вечерва подобар пд Еуро Никел 2005 (76:74), па дојде до скор (11-4)...

 

РАБОТНИЧКИ – ЕУРО НИКЕЛ 2005           76:74

(18-14; 13-18; 19-23; 26-19)

Резултатска контрола имаше екипата на Работнички во уводниот период на дуелот во „Градски парк“. Но предноста не беше поголема од четири поени, како што беше и на истекот на десеттата минута (18:14).

Но на средината на вториот период, кавадарчани стигнаа до нерешен резултат (23:23). Потоа и минимално водство од (26:25). Израмнети беа и последните три минути од вториот дел на последниот меч од 15.коло. Со постојана промена на минимално водство на двете страни.

Тој не баш квалитетен дел од мечот заврши со минимална предност за Еуро Никел 2005, (32:31).

Се „бркаа“ и буквално Работнички и Еуро Никел 2005 и во третиот период. И дури во последната минута од тој дел, гостите од Кавадарци ја имаа дотогаш највисоката предност, од четири поени (52:48). А до истекот на четвртината дојдоа до поен повеќе, (55:50).

Но по нецели три мунути играње во последниот дел, по серијата (7-2) на Работнички, повторно резултатски егал (57:57).  Но Питс, со тројка, се погрижи серијата на домашната екипа да потрае, на (10-2) за водство од (60:57).

Кога Бакоч погоди за (59:60), следуваше период од неколку минути без постигнат поен на двете страни. За комплетирање на слабиот, за лошиот впечаток кој го донесоа овие 40.минути во празниот „Градски парк“. По тоа поентерско „затишје“, први повлекоа кавадарчани, кои ја вратија предноста на својата страна (63:60).

Но „црвено-белите“ отворија уште една серија, сега од (10-2) во која најголемо беше учеството на Николовски (со пет поени). Доволна за Работнички да побегне на плус од пет поени (70:65), на 2:20 минути пред крајот.

Но тој беше далеку, затоа што Марзет, со помош на тројката која дојде од Бакоч, донесе ново израмнување, (74:74) на седум секунди пред крајот. А по тајм-аутот на Мираковски, Американецот Питс погоди за победа бро 11 за некогашниот шампион, сега на (по)делба на второто место во Првата лига.

Комплетна статистика од мечот – ТУКА.

AКАДЕМИЈА ФМП – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ   66:71

(14-15: 19-19; 14-25; 18-13)

По израмнетото прво полувреме во кое МЗТ Скопје Аеродром ја имаше предноста, но по 20.минути остана на само еден поен плус (34:33), со серијата од (13-4) на почетокот на второто, првакот дојде до двоцифрена предност, од десет поени (47:37).

Уште повисока беше разликата во корист на гостинската екипа во 27 минута, (54:43), за таа трета четвртина да заврши со оној, би се рекло, стандарден плус-10 (58:48) во корист на фаворитот.

Иако се обудуваа, домашните кошаркари никако не успеваа да ја стигнат таа негатива. Во неколку наврати дојдоа на -5, како што и беше на крајот на мечот во салата „Независна Македонија“ (66:71).

По којзнае кој пат по ред во оваа сезона, одлишно издание имаа Нацевски и Лонг, во овие 40.минути и Блантон, кој од новито тренер Владимир Мирковски доби место во првата петорка на Академија ФМП. Но затоа пак далеку од формата од првиот дел е Харис, кој сега остана на девет поени и седум додавања.

На другата страна, во оваа рутинерска победа на бранителот на титулата, три играчи од стартните пет на тренерот Кочов завршија со двоен број на поени. Најмногу 19, капитенот Стојановски, еден помалку од него имаше Маслинко, а 12 вториот репрезентативец – Крстевски.

Доволно за да се остане на првата позиција во првенството пред паузата условена со настапот на нашата сениорска селекција во квалификациите за ЕП 2021 година.

Комплетна статистика од мечот – ТУКА.