Кошаркарската Супер лига го заокружи првото коло откако екипите учеснички оваа сезона ги одиграа натпреварите закажани за ова премиерно коло.
Колото го отворија актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром кој го нагости составот на Куманово 2009 и го испрати дома со само еден бод. „Металците“ беа сигурни во своите способности на почетокот на натпреварот, но како што се приближуваше крајот на првиот дел така нивните противници се повеќе беа доминантни на паркетот. Репрезентативецот Бобан Стајиќ одлично ги разигруваше своите тимски колеги на паркетот кои успеаја да направат резултатски пресврт до истекот на 20. минута. Во вториот дел од натпреварот се смени сликата на паркетот. Искусниот Дарко Соколов, кој се мачеше на паркетот во првиот дел, ги инспирира своите соиграчи за да стигнат до израмнување. Во моменти кога се чинеше дека натпреварот ќе трае подолго од предвидените 40 минути, Алексеј Нешовиќ од редовите на домашниот состав ги презеде работите во свои раце и му ја донесе предноста на својот клуб во клучните моменти. Во финишот МЗТ Скопје Аеродром славеше со 81-79 односно 29-27, 1-16, 15-22, 27-14 по делници.
Целосната статистика е достапна на следниот линк.
Вториот натпревар од ова коло се одигра помеѓу екипите на Гостивар и Блокотехна. Избраниците на Марјан Илиевски немаа воопшто лесна задача, но успеаја во својата мисија и го заведоа третиот триумф над противниците од Гостивар за оваа натпреварувачка сезона. Кошаркарите на Блокотехна си заминаа со цел плен од Гостивар додавајќи нови два бода на своето конто. Гостиварци резултатски се држеа само на почетокот на натпреварот. Во меѓувреме се разиграа кошаркарите од гостинскиот состав, наталожија доволно резултатска позитива која ја одржуваа без многу проблеми до крајот на натпреварот кој заврши со конечни 70-80 односно 17-25, 15-15, 19-21, 19-19 по делници.
Целосната статистика е достапна на следниот линк.
И по 23 одиграни натпревари оваа натпреварувачка сезона 2017/2018 кошаркарите на Работнички се уште не знаат што значи пораз. Марин Докузовски ги диригираше акциите на својот клуб покрај аут линијата, а кошаркарите ја оправдаа неговата доверба на теренот во СЦ „Билјанини извори“ и третпат оваа сезона триумфираа над составот на АВ Охрид со десет играчи на располагање во својот ростер со резултат од 55-85 односно 13-21, 17-22, 19-20, 6-22 по делници. Домаќините беа доминантни на теренот, но само во воведните минути кога во своја корист уживаа предност од 6-0. „Центарци“ брзо стигнаа до израмнување, а потоа и го преземаа водството. Веќе во седмата минута од првиот период разликата беше двоцифрена, која „галебите“ не можеа да ја анулираат до крајот на натпреварот.
Целосната статистика е достапна на следниот линк.
Во Плејаут лигата триумфираа екипите на Пелистер, Фени Индустри и на Кожув.
Битолчани, иако запишаа нови два бода на своето конто, немаа воопшто лесна задача против мотивираните чаирчани предводени од Енвер Мифтари покрај аут-линијата. Се водеше интензивна битка за победа на паркетот во салата „Младост“ во Битола, а двете страни наизменично го предаваа водството. Кошаркарите на Шкупи беа во ’блага позитива’ на полувремето, но конентрацијата изостана во последниот, клучен период. Избраниците на Зоран Петковски го искористија тоа во своја полза и со пет постигнати шутеви за три поени ја реализираа својата замисла да изедначат, а потоа и да го рпеземат водството. До крајот останаа уште три минути во кои Пелистер постигна уште 12 поени, наспроти само пет на Шкупи. Во финишот Пелитер славеше со конечни 80-73 (18-17, 21-20, 14-22, 27-14).
Статистиката е достапна на следниот линк.
На трикратниот шампион во домашното првенство, Фени Индустри, му беа потребни пет дополнителни минути игра за да ја освои Струмица во својот прв натпревар од оваа сезона во Плејаут лигата. Кошркарите од клубот од Кавадарци кој го чекаше исходот од последниот натпревар во регуларниот дел од првенството за пласман во понатамошниот дел од разигрувањето зачуваа дел од својата енергија за петте екстра минути во кои го постигнаа посакуваното – триумф што ги оддалечува од дното на табелата. Во финишот Фени Индустри против трумица на гостински терен славеше со 81-86 односно 17-19, 18-17, 20-15, 20-24, 6-11 по делници.
Статистиката е достапна на следниот линк.
Првото коло во Плејаут лигат го заокружија екипите на Карпош Соколи и на Кожув. Кошаркарите од домашниот состав беа израмнети со својот противник во првото коло од Гевгелија во првите 15 минути. Гостите направија минимална разлика од пет поени која без проблеми ја одржува до крајот на натпреварот, до конечни 75-81 (20-18, 14-24, 18-20, 23-19)
Статистиката е достапна на следниот линк.