Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија денеска ја информираше јавноста за остварување на една од целите предвидени во програмата на Претседателот Перо Антиќ. Кошарката доби свој дом - спортска сала во нашата престолнина Скопје на која ќе биде траен концесионер.
Големата сала на „Кале“ ќе биде новиот дом на кошарката каде ќе се развива кошаркарскиот спорт, во сите категории и конкуренции.
„Знаете дека во програмата ставивме дека акцент ќе биде ставен врз обезбедување на услови за младите кошаркари. Денеска е голем ден, добиваме свој дом, јас лично сум презадоволен што како куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината. Голема благодарност до одговорните лица кои ни излегоа во пресрет. Салата ја добиваме во одлична состојба, а веќе се започнати процеси за реновирање. Потребни ни се нови два коша според ФИБА пропозиции, нов семафор и генерално реновирање, но имаме доволно време да ги средиме сите детали околу тоа. Се надевам дека и во иднина ќе се обезбедат услови за федерацијата комплетно да се пресели во нашата спортска сала.“ - Истакна Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ
„Голема благодарност до сите кои го овозможија овој момент, салата да дојде во користење на КФСМ. Оваа сала ќе биде исполнета со такви активности, за развој на кошарката, на младинските категории. Во текот на летото имаме голем број на активности со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе преминеме и на работа на индивидуален план со младите кошаркари. Нема да останат изоставени и снеиорските тимови на кои ќе им биде овозможено да тренираат во кое било време. Кажавме и претходно дека на федерацијата ќе и помагаат тренери од странство со огромно искуство зад себе кои сигурно ќе придонесат за доедукација на нашите тренери.“ - Дополни Спортскиот Директор Тодор Гечевски.
На прес-конференцијата присуствуваше и Советникот за спорт при Владата и поранешен претседател на (тогашна) КФМ, Даниел Димевски кој во име на Владата
„Во име на Владата на РСМ ова е една од клучните работи – спортските објекти да ги дадеме на располагање на спортските колективи. Особено ми е драго што овој процес почнува со Кошаркарската Федерација. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на кој нема оштетени, така што сите се задоволни. Благодарност до претходниот концесионер, Михајло Михајловски. Спортската сала „Кале“ е во добра состојба, па веднаш може да се користи 24 часа на ден во следниот период. Мило ми е што кошарката прва доби свој дом, а можам да кажам дека до крајот на тековната седмица и други федерации ќе добијат спортска сала. Спортските сали федерациите ќе ги користат до конечната изградба на домот на спортови која е предвидена да финишира за година, максимум две.“ - Потенцира господинот Димевски.