По одигрувањето на осумте натпревари од првиот елиминациски круг, познати се и осумте најдобри селекции кои ја продолжуваат битката за трофејот и медалите на 41. по ред Евробаскет.
Меѓу нив ќе го нема името на еден од топ-фаворитите за највисок пласман, селекцијата на Србија, која беше непријатно изненадена од Италија.
Аѕурите имаа фантастично второ полувреме во кое го надиграа големиот противник. Славеа неверојатен триумф од (94:86), и стигнаа до место во првата „осумка“, и дуел со Франција за влез во „големите четири“.
Звучи навистина неверојатно, но и од четирите средби од втората осминафинална вечер, три завршија со идентичен скор.
Денот почна со победата на Полска против Украина со (94:86), а со истиот резултат, Финска ја елиминираше Хрватска, за на крајот, скоро ист беше и резултатот на средбата Грција-Чешка, (94:88).
Со последните четири натпревари од осминафиналната фаза, дефиниран е и „костурот“ за четвртфиналето, кое е на програмата на 13, односно на 14. септември.
Елиминацијата на Србија значи и сериозна опомена за оние селекции кои се оквалификувани како фаворити пред четвртфиналето кое стартува во вторник од 17.15 часот, кога на теренот во „Мерцедес Бенз“ арената ќе истрчаат селекциите на Шпанија и на Финска.
Нешто подоцна, од 20.30 часот, на истото место, за место во полуфиналето ќе се борат домаќинот Германија и Грција во веројатно најинтересниот меч во оваа нокаут-фаза која ќе продолжи и на 14. септември кога се на ред средбите Франција-Италија (17.15) односно Словенија-Полска (од 20.30 часот).
РЕЗУЛТАТИ - ОСМИНАФИНАЛЕ
Турција – Франција 86:87
Словенија – Белгија 88:72
Германија – Црна Гора 85:79
Шпанија – Литванија 102:94
Грција – Чешка 94:88
Финска – Хрватска 94:86
Украина – Полска 86:94
Србија – Италија 86:94
ДВОЈКИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ
13.СЕПТЕМВРИ
17.15. Шпанија – Финска
20.30: Германија – Грција
14.СЕПТЕМВРИ
17.15: Франција – Италија
20.30: Словенија - Полска