Нашиот млад репрезентативец повеќе од еден месец е „заробен“ во Торино. Нема начин како да се врати дома...
Кошаркарското првенство во Италија (во сите рангови на натпреварување) и официјално е прекинато поради пандемијата на корона виорусот, соопшти тамошната кошаркарска федерација.
„Оваа одлука е донесена поради епидемиолошката криза со корона вирусот на територијата на целата држава“- рече првиот човек на италијанската кошарка, Џовани Петручи.
Во соопштението се наведува дека федерацијата е одлучна во намерата да го заштити здравјето на спортистите, тренерите, судиите и сите кои учествуваат во организација на натпреварувањето и нивните семејства.
Земени се предвид и мерките за социјално дистанцирање како и тоа што на многу од клубовите им беше дозволено да ги ослободат странските кошаркари да ја напуштат Италија.
Таква дозвола има и Андреј Jакимовски, но нашиот млад репрезентативец никако не успева да си замине од Торино, градот во кој егзистира неговиот сегашен клуб.
За жал, Јакимовски останува „заробен“, и што е уште, би се рекло полошо, не знае, кога и како би си заминал од градот во областа Пиемонт, една од најзагрозените во овие неприлики за човештвото.
„Веројатно така ни е судено, да чекаме. Нема што друго да правиме“- констатира разочарано Јакимовски
Tој e повеќе од месец дена во своевидна изолација од светот, од градот кој исто така е погоден со смртоносниот вирус.
„Да, ги почитувавме максимално забраните кои сè уште се на сила, и за кои мислам дека ќе потраат уште долго време, можеби и еден месец. Не ни преостанува многу друго. Она што можев го направив. Се пријавив за хуманитарен лет, и тоа уште пред три недели. Но до овој момент немаме никаква информација дали е изводливо тоа да се направи од Италија, Нема друго, мора да бидеме мирни, да бидеме трпеливи. Ќе помине и ова. Ми недостасува кошарката, но во овој момент најважно е здравјето“- порачува Јакимовски од Торино.