18.07.2021

Професорот Александар Кукриќ е во „главна улога“ во овие денови од подготовките во Маврово

Кукриќ: „Горд сум на овие момци, тие се вистински професионалци, максимално посветени на работата

Базичните подготовки, дали станува збор за клуб, или пак национална селекција, како по правило се секогаш најтешкиот дел од подготовките.

А професор Александар Кукриќ, дел од нашиот стручен тим во сениорската селекција, е задолжен, кандидатите за националниот тим тоа да го „поминат“ што е можно „полесно“, и во Скопје да се вратат на едно повисоко ниво на физичка подготвеност.

Оттука, Кукриќ е најповикан да даде моментален увид во формата на нашиот најдобар репрезентативен состав.

„Како што знаете, базичниот дел од подготовките го спроведуваме во Маврово, каде федерацијата ги обезбеди сите потребни услови да го реализираме предвидениот план и програма за работа кој го има стручниот штаб.

Имаме адекватно сместување во хотелот ‘Спорт’, а спортската сала, вежбалната и сите хотелски содржини ни се секојдневно на располагање. Освен тоа погодни се и временските услови на планината Бистра, кои ни овозможуваат адекватен одмор и опоравување по напорните тренинзи. Засега подготовките течат според планираното, без било какви поголеми проблеми“- вели специјалистот за кондициска подготовка во нашиот стручен тим.

Кукриќ открива дека играчите полека се враќаат во некоја тренажна „нормала“.

„После паузата од минатата сезона, играчите постепено се адаптираат на тренажните оптоварувања. Како што е тоа и вообичаено, евидентно е дека паузата влијае на пад на формата, па затоа многу внимателно го планираме и програмираме секој тренинг. Со индивидуалниот пристап во работата настојуваме на секој играч да му овозможиме најдобар можен третман. Во овој период, најголем дел од времето е одвоен за физичка подготовка, додека еден дел од плановите е предвиден и за тактичко-технички тренинзи“.

За „професорот“, како што е новиот прекар на Кукриќ, најважна работа е што сите играчи кои се во Маврово работат со полн интензитет.

„Сите играчи тренираат со полн капацитет, и со гордост можам да истакнам дека станува збор за врвни професионалци, исклучителни луѓе и спортисти, кои се максимално посветени на работата и обврските кои со себе ги носи играњето за националниот тим. Се надевам дека подготовките ќе протекнат без повреди, во добра работа и атмосфера. И дека на крајот ќе ги исполниме реализираните цели“- дополнува Кукриќ во својот репорт од Маврово.

Базичниот дел од подготовките на „црвено-жолтите“ завршува на 21. јули, по што следува враќањето од Маврово, а подготовките продолжуваат во Скопје.