28.10.2020

Првиот од најавените три меча за краток временски период, за Куманово

Куманово ги искористи своите предности, ТФТ не успеа во тоа

„Првите натпревари се секогаш најтешки“ – вели Владимир Мирковски, шефот на стручниот штаб на Куманово по првата победа (90:83) во новата сезона, против ТФТ во делот од сезоната кој се нарекува БИБЛ лига.

„Доста тежок натпревар, особено ако се земе предвид дека е прв по пауза од скоро осум месеци. ТФТ одигра солидно, ние имавме предност од 14 поени и наместо да го приведеме мечот во наша корист, со грешки го вративме противникот назад во игра. Потоа мечот беше во стил падни-стани, па кај нас пресуди искуството на поискусните кошаркари. Мора да им честитам на сите, првите натпревари се најтешки. ‘Џокер’ беше Двојаковски со осум поени по ред и два скока, тогаш се скрши мечот“- потенцираше Мирковски, кој не може да се радува на успехот ако се земе в предвиде дека во текот на играта остана без услугите на еден од битните играчи во тимот. „Што се однесува до Глигоријевиќ кого го загубивме за време на мечот, се работи за дислокација на прстот. Ќе покажат снимките во колкава мера е повредата. Се надевам дека не е ништо страшно“.

Од друга страна, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски смета дека во овој прв меч од БИБЛ лигата и воопшто во сезоната влегле – преимпресионирани

„Влеговме преимпресионирани на стартот, промашивме зицери и слободни фрлања. Имавме и проблем дефанзивно, игравме многу меко, но во вториот дел видовме еден нов начин на игра. Очекувано, по долга пауза се виде желбата кај двете екипи за борба на терен за секоја топка, буквално во секоја смисла на зборот. Се почувствува и данокот на неискуството и деби-настапот во ова регионално натпреварување кај нас, иако игравме со домашна екипа. Победи подобриот, Куманово го контролираше мечот. Можеби ќе беше поинаку ако дадевме некои отворени шутеви и слободни фрлања. И покрај поразот јас сум горд на моите момци како тренер“- анализира Смилковски.

Во наредниот круг од натпреварите, двата наши претставници ги чекаат дуелите против екипата на Берое која ќе гостува во нашата земја, на 4, односно на 5. ноември.

ФОТО: Кумановски муабети