08.02.2020

Куманово по суперлигашка потврда, Кожув по ново изненадување

Во 15.коло, кумановци може да се приближат уште еден чекор кон Суперлигата. Но за да биде така, ќе мора да бидат подобри од се подобриот состав од Гевгелија...

 

Уште четири кола има до крајот на првито делод Првата Лига. Четири рунди во кои треба да биде симната само уште една дилема. Која екипа ќе заврши на позицијата број 6, онаа последната која води кон место што се нарекува Суперлига.

Погледот на табелата вели дека барем засега се сигурни пет екипи, а последниот патник ќе се бара помеѓу две, Куманово и Пелистер.

Дуел кој е многу поважен за кошаркаерите на Куманово. Јасно и поради што. Во овие последни четири рунди од шампионатот треба да ја задржат предноста од две победи во однос на Пелистер.

А вечерва нема да им биде воопшто лесно затоа што пред себе имаат екипа која со оглед на околностите (недостиг на неколку првотимци), можеби ја игра и најдобрата кошарка во последно време.

„Јасно е што треба да правиме за да стигнеме до планираната цел“- вели капитенот Марјан Јанески.„Имаме предност во однос на конкурентот, но за да го добиеме Кожув ќе мора да одиграме многу подобро отколку на оној последен меч со Вардар во Скопје. Кожув е екипа за целосен респект, Иако им недостасуваат некои битни играчи-победуваат. Знак дека мораме да бидеме максимално подготвени за овие 40.минути“.

Зад гевгеличани е серија од четири победи во последните пет натпревари. И би сакале таа да продолжи и по дуелот со Куманово во кој единствена дилема на Александар Јончевски е дали искусниот Бојан Трајковски да се врати на теренот или не?

„Би сакале да видиме, да пробаме како сето тоа ќе оди. Но со глед на тоа дека ова е последен меч пред паузата во првенството, можеби е подобро Трајковски да заигра на некој нареден натпревар, да биде уште по подготвен за финишот на овој регуларен дел, а потоа и Суперлигата".

 

Вториот натпревар од саботната програма на 15.коло се игра во Битола. Дуел во кој Пелистер важи како екипа која има подобар квалитет, па и искуство. Но и фактот дека тоа ќе мора да го потврди тоа на теренот.

„Вардарци“ се без притисок, иако и тие бараат шанса за изненадување. Беа навистина блиску минатиот викенд во дуелот со Куманово, ова ќе им биде уште една можност за такво нешто.

Но и „зелено-белите“ се пред императив. Сеуште се во игра за позицијата 6, што значи дека овој меч на домашен терен едноставно мора да се добие.

„Играа добро против Куманово, тоа значи дека мора да обрнеме максимално внимание на овој меч со Вардар. Можеби сме поискусни и поквалитетни, но тоа е само додека не почне натпреварот. Сами се доведовме во оваа ситуација, ќе пробаме да ја стигнеме негативата која ја имаме во однос на Куманово. Прва цел е вечерва да го победиме Вардар“- вели првиот тренер на „пелистерци“, Љупчо Малинков.

 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 15.КОЛО

САБОТА:

18.00: Пелистер – Вардар

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

18.00: Куманово 2009 – Кожув

Сала „Перо Наков“ - Куманово

НЕДЕЛА:

17.00: Академија ФМП – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Независна Македонија“ - Скопје

18.00: Работнички – Еуро Никел 2005

Сала „Градски парк“- Скопје

ПОРАНО ОДИГРАНО:

Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка      89:69