19.02.2022

„Беше евидентно дека ривалот има повеќе искуство, но очекувам овие деца да напредуваат“- констатира тренерот на Феникс 2010

КУП 2020 – МАЖИ – ПОЛУФИНАЛЕ-ДЕНИС ДЕРВИШЕВИЌ: „Освен Трајковски ние немаме други искусни играчи за вакви натпревари“

Феникс 2010 не успеа да направи ново изненадување на завршниот турнир. Го елиминира Работнички, но загуби од доста поквалитетниот и далеку поискусен состав на МЗТ Скопје Аеродром.

„Во нашиот тим освен Бојан Трајковски ние немаме други искусни играчи, туку се деца од 18 до 20 години што првпат играат во ова натпреварување. Можевме да играме подобро, но знам дека во иднина ќе напредуваат и ќе созреваат сите заедно. Ние никогаш не се предадовме, се вративме на три разлика, но имавме два-три избрзани шута и противникот нè казни. Тоа беше евидентно дека ривалот има повеќе искуство, но се надевам дека помладите ќе имаат поттик со овој успех да играат добро и следната сезона. Финалето ќе го добие оној кој ќе биде повеќе мотивиран“.

Големо искуство беа овие два куп-натпревари за млад играч како Андреј Митревски:

„Со оглед на тоа дека нас ни е прв настап во Купот и ние сме прилично млада екипа, знаевме во што се впуштаме и дека играме со МЗТ - најдобриот клуб од Македонија. Пресуди нивното искуство, ние иако имаме поголема ротација, се уште немаме толкав квалитет. Но, во ниеден момент не се предадовме, задоволен сум од она кое го видов од нас. Не претпоставувавме дека ќе имаме ваков развој на сезоната, но од меч во меч амбициите се зголемуваа. Морам да кажам дека ова е голем успех за нас, што дојдовме до полуфинале на Купот. Следната година ќе целиме на повеќе“.