08.05.2021

Екипата од Македонска Каменица ја прекина доминацијата на Бадел 1862, славеше убедлива победа во финалето (81:64)

КУП-2021 – ЖЕНИ: Баскет КАМ стигна до првиот трофеј во историјата

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.

Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните 40. екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финале турнир во Скопје.

БАДЕЛ 1862 – БАСКЕТ КАМ       64:81

Екипата од Македонска Каменица имаше одличен вовед во мечот за пехарот. За шест минути од играта поведоа со (12:3), а нешто потоа и со двоцифрени (15:5), што го натера тренерот на Бадел 1862, Перо Стамески,  да побара минута одмор.

Тоа не го сопре налетот на девојките во „сино-бела“ комбинација на дресот. Ја продолжија серијата, до уште поубедливи (17:5), потоа и (23:9).

Серијата, со тројка, ја прекина Стојановска.  Но двоцифреното водство за Баскет КАМ остана (27:17).

Не застанаа кошаркарките од Македонска Каменица ни во продолжение на играта. Своите индивидуални квалитети Митрашиновиќ и Гобељиќ ги преточија во комбинирани 30 поени (двете по 15), потпомогнати од Брајковиќ во рекетот (осум скока, четири од нив офанзивни), изградија плус 22 950:28), на полувремето.

Минути во кои ударниот двоец на Бадел 1862, Трајчевска и Стојановска даде 24, од вкупно 28 тимски поени.

Ништо не се промени ни по паузата од 15.минути. Дебитантот во големото финале не се однесуваа во тој стил, напротив, кошаркарките кои во овој меч ги предводеше Александар Ашаданов, продолжија да ја билдаат разликата. Од минута во минута стануваше се појасно дека ќе влезат во историјата на македонската женска кошарка како нови освојувачи на националниот Куп.

И сосема заслужено од рацете на претседателот на федерацијата, Перо Антиќ го земаа драгоцениот трофеј, прв во нивната кратка историја на постоењето.