15.05.2021

Екипата од Кисела Вода го елиминира Пелистер и се надева на нова сензација во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром

КУП 2021: „Академиците“ бараат уште еден голем скалп, а Работнички „влез“ во ново финале

Тимот од Аеродром секако нема да ја направи истата грешка како битолчани, но против нив е времето бидејќи имаат неполни 24. часа за одмор меѓу синоќешниот тежок меч со Куманово и денешниот полуфинален дуел.

А Навико Академија ФМП буди не баш убави чувства кај сите во Аеродром бидејќи славеше на домашен терен во првенствената пресметка по што раководството на клубот се раздели со Ѓорѓи Кочов и на негово место го постави Дарко Радуловиќ.

Оваа сезона „академиците“ имаа неколку изненадувачки победи, па затоа никој не смее да ја отпише пред дуелот (17.часот) со „металците“.

Вториот натпревар е дерби на денот затоа што се среќаваат поранешните шампиони и освојувачи на Купот, Работнички и Еуро Никел 2005.

„Центарци“ сезонава триумфираа на двата меѓусебни дуела во првенството, но тоа беше тесно – еднаш со четири и еднаш со еден поен разлика.

Од натпреварот што се одигра во Кавадарци на 27 февруари, Еуро Никел 2005 одигра 11 меча и триумфираше на девет од нив што е потврда за одличната форма во која се наоѓа тимот на Горан Самарџиев.

Работнички е најтрофеен тим во Купот на Македонија со 10 пехари, а уште пет пати играше во финалето.

Еуро Никел 2005 (под името Фени Индустри) два пати го освои трофејот, но последниот во 2010 година. Оттогаш уште два пати играше во финале, но во 2012 година загуби од МЗТ Скопје, а во 2017 од Карпош Соколи.