Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
Која би била идеалната петорка на штотуку завршениот финален турнир од Купот „Благоја Георгиевски Буштур“ во Скопје.
Реално, тешко е да се соберат сите индивидуални постигнувања, и да се одвојат, односно поделат на три односно на два натпревари колку што одиграа одреден број на играчи во изминатите три дена.
Но сепак, во предвид ќе ги земеме оние „победнички елементи“ кои носат дополнителни поени во крајното, наше, индивидуално сумирање на постигнатото.
Мерка за вредност, и овојпат ќе бидат бројот на индексни поени реализирани за време на турнирот, но со ограничување, на најмалку два одиграни (од можните три) натпревари.
Најкорисниот играч на финалниот натпревар, Дамјан Стојановски ги предводи идеалните пет на турнирот.
Освен одличното издание во финалето против Работнички (22. индексни поени), репрезентативниот бек на МЗТ Скопје Аеродром имаше уште еден сличен настап, во четвртфиналето против Куманово 2009 кога впиша дополнителни 25. индексни поени. Ќе го заборави полуфиналето против Навико Академија ФМП каде имаше само пет.
Филип Бундовиќ (Работнички)
Два добри натпревари имаше и Филип Бундовиќ, но не и во финалето, каде го расипа „крајниот впечаток“. Но сепак беше и тоа како важен дел од патот на Работнички до мечот на одлука.
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Уште едно репрезентативно име од редовите на новиот освојувач на Купот, Бојан Крстевски, имаше свои одлични моменти на турнирот. Имаше три стандардно добри изданија кои го сместуваат во идеалната петорка на собирот во „Кале“.
Роберт Рикиќ (Еуро Никел 2005)
Роберт Рикиќ одигра два натпревари за Еуро Никел 2005, и двата со висок индекс. Збирно највисокиот играч на завршницата на Купот има индекс 47, или просечни 23.5 што е и највисоката вкупна оценка.
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)
Идентичен е и коментарот за игрите на Дарко Соколов. Некогашниот репрезентативец имаше два сосема добри настапи во мечевите со Гостивар и со Работнички. Реализираше 34. индексни поени – просек од 17.0 на двата меча.
Доколку би го одбирале вториот најдобар тим на турнирот, во него има место и за остварувањата на Хасани Гравет, Андрија Бојиќ и Олуфеми Олуџоби (МЗТ Скопје Аеродром), Иван Аска (Работнички) и Роналд Херис (Навико Академија ФМП).
ИДЕАЛНА ПЕТОРКА
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005)
Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Филип Бундовиќ (Работнички)
Роберт Рикиќ (Еуро Никел 2005)
ВТОРА ПЕТОРКА
Роналд Херис (Навико Академија ФМП)
Хасани Гравет (МЗТ Скопје Аеродром)
Олуфеми Олуџоби (МЗТ Скопје Аеродром)
Иван Аска (Работнички)
Андрија Бојиќ (МЗТ Скопје Аеродром)