16.05.2021

Куп 2021, Благоја Георгиевски Буштур

КУП 2021: Изјави по натпреварот МЗТ Скопје Аеродром - Работнички

МЗТ Скопје Аеродром - Работнички 77-69

Дарко Радуловиќ, тренер, МЗТ Скопје Аеродром

„Задоволството ги покрива сите нервози и стресови од изминатите денови. Да им честитам на овие мои храбри и одлучни момци кои одговорија одлично на противник и знаеја какви одлуки да носат во игра. Би сакал да споменам и некои луѓе кои имаат голем удел во овој пехар. Тоа се пред се Џоле Кочов, мојот претходник, кој е голем заслужник за ова денес, тој е креатор на оваа екипа, а би сакал да им се заблагодарам и на членовите на стручниот штаб кои си заминаа во меѓувреме. Им благодарам на раководството што ми ја даде довербата и поддршката да го водам овој тим, на стручниот штаб кој даде се од себе за да излеземе што поподготвени на терен и секако на моите играчи кои покажаа дека имаат квалитет. Во соблекувалната им кажав, ако имаме повеќе од 20 поени во транзиција – победувавме. Ние имавме 26 и тоа е тоа. Во комбинација со добра одбрана и секако агресивна игра.“

 

 

Димитар Мираковски, тренер, Работнички

„Немавме енергија, одигравме тесни натпревари во овие два дена. Немам што да им замерам на играчите, ние влеговме со многу фаули уште на почетокот и секој момент кога се доближувавме кон резултатот, личните грешки не враќаа чекор назад. Три тешки денови се зад нас, нема да жалиме. Од среда играме плејоф. Да се насочиме кон тоа, да одмориме и да се обидеме да ја освоиме шампионската титула“