16.05.2021

Најтрофејните клубови во македонската кошарка, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички вечерва одлучуваат за освојувачот на уште еден пехар

КУП 2021: Мираковски или Радуловиќ – кој ќе влезе во друштвото на големите тренерски имиња?

Најтрофејните клубови во македонската кошарка, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, вечерва (17.30 часот), во меѓусебен дуел ќе одлучуваат за освојувачот на уште еден пехар во домашните натпреварувања

Иако во текот на сезоната не блескаа и имаа неколку кризни периоди предизвикани, меѓу другото, од корона пандемијата, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром успеаја да стигнат до финалето во Купот оваа сезона.

Покрај битката на теренот, вечерашниот меч ќе биде пресметка и на младите стручњаци на клупите на двете екипи, Димитар Мираковски на едната и Дарко Радуловиќ на другата страна, кои ќе се борат за првиот трофеј во своите тренерски кариери.

Покрај евентуалниот успех, двајцата имаат шанса да го запишат своето име меѓу оние кои во своите кариери триумфирале во Купот на Македонија и како тренери и како играчи.

Мираковски три пати го освојуваше Купот како играч: во 2011, 2015 и 2019 година со Работнички со кого и денеска ќе се бори за трофејот. И Радуловиќ има ист биланс – три пехари од кои два со Николферт (2001 и 2002 година) и еден до Фени Индустри (2008), а утре ќе го води МЗТ Скопје.

Тоа досега им успеало само на тројца во македонската кошарка: Јорданчо Давитков, Емил Рајковиќ и Марјан Србиновски. Најтрофеен меѓу нив е Давитков кој како играч освои три, а како тренер четири пехари во Купот на Македонија.

Потсетување, големото финале од 28.издание на Купот, сега именуван по нашата голема кошаркарска легенда Благоја Георгиевски Буштур стартува од 17.30 часот, со директен пренос на МРТ.

Ќе го суди тројката Александер Павлов-Зоран Митровски-Иван Мијалковски, додека во улога на делегат е Петар Денковски.