16.05.2021

Екипата од „Градски парк“ атакува на 11.трофеј, онаа од Аеродром има шанса вечерва да се изедначи со Куп-трофеите со вечниот ривал

КУП 2021: Можат ли „металците“ да дојдат до „десетката“, и да се израмнат со Работнички?

По седми пат финалето на националниотѕ Куп, кој од оваа година го носи името на Благоја Георгиевски Буштур, ќе се одвива помеѓу вечните ривали.

А во вечерашниот дуел Работнички влегува како бранител на трофејот освоен во сезоната 2018/19 (лани не се одигра поради пандемијата со корона-вирусот).

Досега МЗТ и Работнички делеа по три победи кога во прашање се меѓусебните дуели во финалето, што значи дека по денешната средба ќе се знае кому ќе припадне директниот биланс.

1994 година Работнички  – МЗТ Скопје 81:49

1996 година МЗТ Скопје – Работнички 69:64

2000 година МЗТ Скопје – Работнички 68:66

2003 година Работнички – МЗТ Скопје 70:68

2011 година Работнички – МЗТ Скопје 74:69

2018 година МЗТ Скопје – Работнички 76:67

Работнички како најтрофеен во Купот атакува на подобрување на рекордот кој засега стои на 10 титули, додека МЗТ има една титула помалку и има убава шанса во директна пресметка да се израмни со вечниот ривал.

Патот до големото финале

„Аеродромци“ лесно прелетаа до финалето. Остварија убедливи победи над Куманово 2009 (100:84) во четвртфиналето, а потоа и над Навико ФМП Академија (92:72) во полуфиналето. Работнички се помачи малку повеќе за да стигне до битка за трофејот. Прво против ТФТ Скопје триумфираше со (66:62), ден подоцна беше подобар од Еуро Никел 2005 со резултат (85:79).