16.05.2021

Во седмиот меѓусебен дуел во финалето, го победија вечниот ривал Работнички со (77:69) и го стигна на вечната листа

КУП 2021: МЗТ Скопје Аеродром стигна до „десеттката“

МЗТ Скопје го совлада Работнички во големото финале на Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, и по десетти пат го освои победничкиот пехар во својата историја.

Популарните „металци“ беа подобрата екипа во големото, 28. по ред финале на националниот Куп. Водеа низ целиот тек на финалните 40.минути од финалниот турнир во СРЦ „Кале“ во Скопје, и на тој начин го достигнаа клубот од „Градски парк“’ според бројот на освоените одличја во ова натпреварување.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – РАБОТНИЧКИ    77:69

Секогаш кога играат вечните ривали, особено натпревар во кој како награда се добива пехар, трофеј, се и дефинитивно, нешто повеќе од игра.

Така беше и во овој финален меч, одигран во нешто поинакви, здравствени услови, кои ги диктира епидемијата од корона вирусот.

По 4:20 минути од играта во мечот за трофејот, беше  (13:5) за МЗТ Скопје Аеродром, по што следуваше реакција од Димитар Мираковски со минута за одмор и совети како понатаму во финалето.

Противникот им направи проблеми, ги погоди сите шест обиди од поле.

Работнички намали на (15:10). За кратко, следуваа нови пет поени на „металците“ кои за прв пат дојдоа и до двоцифрена позитива (21:10) на 1:35 минути пред истек на првиот период. Серијата на „сино-белите“ продолжи и на (8-0), за уште повисоки (23:10).

Ја прекина Аска, кој постави (23:12)...

Неговото влегување во игра донесе доста добри работи во офанзивните движења кај Работнички. Во продолжението на големото финале.

Мини-серијата на противникот, со која намали на (18:26), го примора на реакција и Дарко Радуловиќ, по нецели две минати минути во втората четвртина. „Домашните“ ја продолжија својата серија од (9-0), и намалија на уште пониски (21:26). Но следуваше одговор од Крстевски и Гравет за плус 10 (31:21).

По тројката на капитенот Стојановски, и на 2:53 минути пред крајот на првите 20, МЗТ Скопје Аеродром имаше контрола над резултатот, водеше со (35:25).

А на крајот на полувремето со (37:28)...

Тешко се постигнуваа поените на почетокот на третата четвртина од битката за пехарот. По нецели пет минути игра, резултатот беше (39:35) за екипата од Аеродром, парцијално (7-2) за оној од „Градски парк“.  

Но двете тројки, прво на Магдевски, потоа и  на Гравет го „лансираа“ МЗТ на двоцифрени (49:39) како што стоеја бројките на семафорот во 26.минута.

Тој возбудлив дел од финалето беше затворен со тројка на Мулалиќ, за уште поинтересна последна четвртина (51:55).  

На шест и пол минути пред крајот беше девет разлика за МЗТ Скопје Аеродром (64:55). На четири пак многу подостижни (65:60).

Но се чини дека потегот на натпреварот го имаше Дамјан Стојановски. На истекот на нападот, погоди за три, и го врати својот тим на комотна разлика (70:63), на 2:23 минути пред истекот на финалето.

Ефремовски ја врати драматиката (70:66), но нервозата кај противникот кулминираше со техничка грешка на клупата. Момент по кој немаше враќање за „црвено-белите“ во овој меч, вреден пехар.