Вториот полуфинален дуел од Купот „Благоја Георгиевски Буштур“ во кој се сретнаа екипите на Работнички и на Еуро Никел 2005
Екипата на Работнички ќе игра по 16. пат во еден финален натпревар од Купот, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.
И ќе се бори за својот 11.трофеј во историјата на ова натпреварување во утрешното финале, против својот најголем и вечен ривал низ историјата, МЗТ Скопје Аеродром.
Во натпревар, исполнет со голема неизвесност, промени на водството, но и доста нерешени бројки, беа подобри од одличниот состав на Еуро Никел 2005.
РАБОТНИЧКИ – ЕУРО НИКЕЛ 2005 85:79
Одлично „отворање“ имаше Работнички, за нешто повеќе од една минута поведоа „домаќините“ со (7:0), кои едноставно го натераа тренерот на Еуро Никел 2005, Горан Самарџиев да го „потроши“ својот прв тајм-аут на средбата.
Но кавадарчани возвратија веднаш. Пет минути подоцна преминаа во водство (15:13). Со „краток век“ затоа што најтрофејниот во Купот, уште еднаш дојде до водство, на крајот на првата четвртина беше изразено со четири поени (24:20).
Со „три плус еден“ играта на Ефремовски, Работнички поведе и со (30:22), по две и пол минути од вториот период од играта.
Кавадарчани играа трпеливо, и во еден таков, „мирен“ стил, успеаја во обидите да го надминат високото водство на противникот. На две минути до крајот на првото полувреме, имаа минимални (40:39). А бековскиот двоец Петровски-Соколов ја претвори во нешто повисоки (47:44) по 20.минути од играта.
Во првите два напади од третиот дел, Еуро Никел 2005 стигна и до највисоката предност (51:44). Работнички постојано го бркаше тоа не баш високо водство на противникот. Но не успева „црвено-белите“ докрај да ги валоризираат тие напори.
По три одиграни четвртини од второто полуфинале, Еуро Никел 2005 – Работнички беше (61:57).
Двете тројки, на Мулалиќ и на Младеновиќ, донесоа нерешен резултат (63:63), поените на Младеновски и водство на Работнички (65:63) во првите две минути од четвртиот период. Серијалот на тројки го продолжи Мулалиќ, за индентични (68:66).
Тројките беа, и останаа главно напаѓачко оружје на тимот од „Градски парк“. По уште една, која дојде повторно од Словенецот, негова петта (а десетта тимска) водеа со (75:72) на три минути до крајот.
Три поени, но од линијата за три поени даде и Дубински, и ги погоди сите. Па на две минути пред крајот, одново беше нерешено (77:77).
Бундовиќ беше напаѓачкото решение на стручниот штаб на „црвено-белите“, кој во два наврати, во минутите на одлука, го надмудри Рикиќ, и донесе ново водство (81:79).
Клучното „крадење“ го направи Младеновиќ, кој при резултат (83:79), ја освои топката и го постави конечниот резултат, вреден ново финале во долгата историја на Работнички.