14.05.2021

Во неизвесен финиш момците од „Градски парк“ го скршија отпорот на ТФТ (66:62), и го продолжуваат походот кон трофејот

КУП 2021: Работнички многу подобро знае како се играат куп-завршници

Во сиромашен, според бројот на постигнати поени, натпревар, Работнички некако успеа да го „добие“ дуелот со дебитантот во Куп натпреварите – ТФТ.

Пред се на искуство, кое го презентираа во последните мигови од вториот четвртфинален дуел од Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.

РАБОТНИЧКИ – ТФТ         66:62

„Многу „тенка“ со поени беше воведната четвртина од вториот четвртфинaлен меч од турнирот.

Важноста на средбата си го направи своето, двете екипи реализираа вкупно 24.поени. Четири повеќе имаа, условно кажано, „гостите“. ТФТ го доби првиот период со (13:9).

Тешко се доаѓаше до поени и во вториот период од играта. А во игра на „мали бројки“ подобро се снаоѓаа дебитантите во ова натпреварување. Имаа водство од (23:15) во средината на втората четвртина.

Дури во вторта половина од четвртината, се чини дека двете екипи ги наместија „нишаните“. Неколку тројки во серија, на двете страни, го подигнаа нивото на ефикасност во мечот. А го донесоа Работнички поблиску до нерешен резултат (25:28), по 16. минути игра.

Но, нивниот налет, со тројка, како поинаку, го сопре, Андерсон, за плус 6 (31:25). Да не биде разликата и поголема, се погрижи Мулалиќ, кој ја погоди својата прва тројка (од осмиот обид), и постави (28:31) на семафорот на истек на 20.минути од играта, во кои Ефремовски даде 11.поени за Работнички, а исто толку кај ТФТ имаше Смит.

На „шаховска“ наликуваше партијата и во наредните десет минути. Вистино офанзивно мачење забележливо кај двете екипи, прекинувано, одвреме-навреме, со некој точен шут вреден по три поени. Константа беше и водството на ТФТ, но не повисоко од шест поени. Како што беше и во 29.минута (48:42).

А двете тројки, по ред, на Мулалиќ, одново го доближија фаворитот, на два чекори зад противникот (48:50) по три одиграни четвртини.

Шутот од далечина беше основна алатка во нападот на „црвено-белите“. Тоа и им донесе и водство, подобро кажано, резултат.

На 2:14 минути пред крајот на четвртфиналето, по поентирањето на Бундовиќ поведоа со (59:57). А по тројката на Ефремовски имаа и повисоки (62:59). Хортон избриша два од нив (61:62), преку линијата за слободни фрлања на нецели 20.секунди пред крајот.

По тајм-аутот на Работнички, голема грешка на кошаркарите на ТФТ. Оставија „времето да тече“. Згора на тоа, ги казни Бундовиќ, со забивање, за (64:61). И да остави само 5.7 секунди пред сирената. Хрватот и ја потврди победата на екипата која важеше за фаворит.

Со 17.реализации, Ефремоски беше прв стрелец кај Работнички, Питс имаше 16, а Мулалиќ 14.поени, додека кај ТФТ, Смит уфрли 15.поени, Хортон 13, а Андерсон уште десет поени.