18.02.2022

„Победата ја посакувавме, не ја насетувавме, но сигурно е дека верувавме“ - вели тренерот на ТФТ по пласманот во полуфиналето

КУП 2022 - БОРО СМИЛКОВСКИ: „Оставивме се од нас, и се чувствуваме како победници“

Големо беше славењето на кошаркарите на ТФТ по победата во првиот меч од четвртфиналето од Купот против битолски Пелистер (105:93)

„Победата ја посакувавме, не ја насетувавме, но сигурно е дека верувавме. Им објаснив на момците дека овој систем на натпреварување е елиминациски и нема поправен испит. Излеговме на терен, оставивме се од нас и се чувствуваме како победници. Заслужено дојдовме до победата, го контролиравме резултатот цел натпревар. Премногу горд сум на момците и се надевам дека имаме сила да дојдеме до финале, па зошто и не да го донесеме првиот трофеј во историјата на ТФТ. Потајно се надеваме на пехар, ги знаеме можните ривали во полуфиналето. Ние сме една од најдобро физички подготвените екипи во Македонија и во еден ваков систем на натпреварување значи три натпревари во три дена, имаме мала предност во останатите екипи. Исто така, условно кажано, играме на домашен терен, па се надевам дека ќе имаме голема поддршка од трибините“- објасн Боро Смилковски по пласманот во полуфиналето.

Еден од најзаслужните за тоа, беше еден од најискусните, Александар Костоски.

„Нормално е дека пред секој натпревар се прават анализи, меѓутоа во Куп-натпреварувањето не сум сигурен дека тие одлучуваат. На овој дуел покажавме желба и заедништво кои ги сокрија сите наши маани кои ги имаме некогаш на теренот. На самиот старт го скршивме противникот и со одредени мали ситни падови успеавме да ја задржиме концентрацијата и да славиме. Веруваме дека можеме да дојдеме до финале и во борба за пехар. Ја победивме непоразената екипа во Македонија и се надевам дека истата енергија ќе ја пренесеме утре, па дај Боже и задутре“- рече искусниот плејмејкер на тимот од Тафталиџе.