Втора година по ред екипата на Пелистер не го помина четвртфиналето. Лани беа запрени од Академија ФМП, оваа година подобри од нив беа кошаркарите на ТФТ
„Не е дека не очекувавме дека ќе заврши вака натпреварот, што така и се докажа на самиот терен. Исклучувајќи ја играта која ја има ТФТ, им честитам на нив затоа што имаа шутерско шоу и реализација во шутот за три. Меѓутоа сето она кое нас нè загрижува, паралелно со нашите проблеми кои ги имаме во клубот, во однос на повредени играчи и кратка ротација и однос на сето она до последно не се знаеше како ќе излеземе на терен, загрижува што повторно се случуваат работи што некој некогаш ќе ги постави на маса и ќе ги изедначи. Секоја чест на оној кој ќе победи на натпреварите, но треба да се запрашаме кои се вистинските актери на паркетот во овој случај“ – беше коментарот на тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски
Бобан Стајиќ го потенцираше стариот проблем во играта на Пелистер, „влезот“ во натпреварите...
„Ние го имаме истиот проблем веќе неколку натпревари, лошо влегуваме во нив. Мислам дека тоа е главен проблем на оваа екипа. За квалитетот не сакам да говорам, мислам дека сме една од поквалитетните, но нашиот главен проблем е пристапот. Тоа мора да се смени ако сакаме успех во понатамошното натпреварување. Зад нас е еден лош викенд, се надевам дека тоа ќе допре до сите играчи, малку посериозно да пристапуваме на натпреварите и подобро да ги отвораме, затоа што ова истото ни се случува и на домашната сцена и во АБА-2 и цело време бркаме разлика. Се надевам дека ќе го исправиме тоа и дека ќе бидеме далеку подобри во следните средби“.