Дарко Радуловиќ по втор пат по ред го донесе МЗТ Скопје Аеродром во финалето на националниот Куп. Во полуфиналето, „сино-белите“ беа подобри од дебитантот Феникс 2010, па и по 15. пат во историјата на клубот ќе се борат за својот 11. Пехар во ова натпреварување.
„Игравме поквалитетно во полуфиналниот натпревар во текот на целиот меч, ако ги сумираме сите 40 минути. Во одбраната дозволивме 66 поени, ни фалеше Мекиќ во ротацијата, што е доста голем удар за нас. Дамјан имаше еден тренинг пред овој натпревар, па така, секоја чест за целиот тим. Феникс 2010 не беше близу да дојде и да ни ги замати сметките. Во текот на натпреварот водевме двоцифрено, и искусно ги привршивме мечот во наша корист. Високите играчи ги ротирав, надворешните линии повеќе се истрошија поради отсуството на Мекиќ. Но нема да се жалиме, сега ни следи финалето. Што се однесува до нашиот следен ривал ТФТ, нив ги гледав двапати. Играат брзо и агресивно, доста се брзи. Костоски и Хортон им се главните алки во играта, ќе мора да ги затвориме. Во финалето како и да е ние влегуваме со цел да победиме“.
Бојан Крстевски стандардно добар во вака важни натпревари. Вели дека пресудило искуството:
„Честитки за Феникс, покажаа машка борба, меѓутоа нашето искуство се покажа на терен, имавме контрола на натпреварот и заслужено победивме. Нашите очекувања за финалето е да го дадеме максимумот и да ја освоиме титулата. Во финале решава мотивацијата и желбата, фактот дека ривалот ТФТ имаше поголем одмор не значи ништо“.