Екипата на ТФТ ќе игра во финалето на 29. издание на Купот, кој од лани го носи името на „Благоја Георгиевски-Буштур“. Беа доста подобри од својот ривал, избраниците на тренерот Боро Смилковски, кој не го криеше задоволството по истекот на 40 минути од првото полуфинапе на турнирот во СРЦ „Кале“.
„Тоа што најмногу го добивме со Пелистер, беше што си докажавме на самите дека можеме со подобри екипи. Не може да кажам дека е лесно кога ќе го елиминираш Пелистер кој немаше пораз, а сега да победиш со ФМП... Но најдовме време да се рехабилитираме доволно за овој натпревар. Овој ривал ни беше голем должник, годинава лигашкиот меч го загубивме во последната секунда. И тоа беше наш мотив дека дојде време конечно и ние да победиме. Домашниот терен и поддршката од публиката си го сторија своето, да имаме енергија цели 40 минути. Второто полувреме можеби за момент не беше добро за око, но бевме доста исцрпени. Во финалето немаме што да загубиме, но одиме во атак по првиот трофеј во историјата. Сакам во финалето да играме против МЗТ Скопје, тоа е моја желба“.
Лендриус Хортон, одново беше еден од најдобрите во редовите на екипата од Таџталиџе:
„Многу сум возбуден за резултатот. Влеговме во овој натпревар да се натпреваруваме и надигруваме и успеавме во тоа. Одигравме доста добро и среќен сум затоа што успеавме во тоа. На вакви натпревари во Купот не станува збор за тактика, туку за она кое ќе го дадеш од себе на терен. Прво ќе се одмориме, па потоа ќе го ставиме целосниот наш фокус кон финалето“.