Гостивар одигра одлично во четвртфиналето. Имаше и двоцифрена предност против фаворитот од Аеродром. Имаше и шут вреден полуфинале, но не успеаја гостиварци, па понатаму оди екипата која се брани од нападите на предизвикувачите.
„Kога еден меч ќе се заврши на една топка и шут за победа, тоа боли. МЗТ Скопје победи заслужено. Имавме неколку играчи што ни недостасуваа во ротација. Се почувствува и тоа што единствениот плеј не одмори ниту една минута. Прво немавме реализација, па имавме еден пад, а на крај останавме и без енергија. Не искоростивме шут за победа, и тоа е тоа. Ни недостасуваше да ги затвориме офанзивните скокови на МЗТ Скопје преку кои ни даваа поени. На крајот одлучи една топка. Сепак, со ваква игра верувам дека Гостивар на крајот ќе заврши во ТОП-6 во мак-баскетот“- смета Александар Јончевски
Капитенот на Гостивар, Ренато Димитриески вели дека Гостивар одиграл одличен меч против тимот кој го брани пехарот
„Одигравме одличен натпревар, иако имавме скратена клупа. Во поголемиот дел од натпреварот имавме контрола, а во еден момент и десет поени разлика. Но најголем проблем ни беше нивниот дефанзивен скок, како и пошироката клупа. Честитки до МЗТ Скопје. Одигравме одлично, но за жал загубивме. Токму поради скратената ротација, дел од играчите загубија енергија и тоа беше причината за лошата реализација во последната четвртина“.