16.02.2022

Феникс 2010 направи многу изненадувања во првенството, посакува нешто слично и во Куп-натпреварувањето

КУП 2022: Дебитантот го напаѓа најтрофејниот

Третата четвртфинална двојка ќе ја сочинуваат екипите на Работнички и на Феникс 2010. За најтрофејниот клуб во нашата држава финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ веројатно доаѓа во еден незгоден тајминг, кога новиот стручен штаб предводен од Игор Михајловски креира нов играчки ростер, во кој е неизвесно дали ќе има и некои нови играчи, оние од странство.

„Екипата на Работнички се наоѓа во специфична ситуација и клубот се реогранизира. Се надевам на подобри денови на Работнички во иднина. Имаме многу млада и неискусна екипа. Но истовремено и перспективна, надополнета со неколку странски засилувања, ако се работи напорно, во иднина ќе донесе позитивни резултати. Во Купот очекуваме да ги имаме новите имиња од САД, но секако не знам дали краткиот временски период ќе ни дозволи да ги регистрираме, и веројатно ќе имаме само еден заеднички тренинг. За мечот со Феникс 2010, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и дека ќе го дадеме максимумот. И со достоен отпор и помош на нашата верна навивачка група ќе ги одбраниме боите на клубот. Нека биде празник на кошарката и нека победи подобриот“ – гласат зборовите на Игор Михајловски новиот тренер на Работнички.

Феникс 201 за прв па игра во завршницата од Купот. А тренерот Денис Дервишевиќ очекува малку поразличен меч во однос на оној првенствениот.

„Ние сме дебитанти во ова натпреварување, и првпат ќе играме во Купот оваа година. Немаме притисок, сакаме да се покажеме во најдобро светло. Што се однесува до натпреварот со Работнички, ова ќе биде поинаков од оној последниот во лигата. Ќе бидат засилени, наше е да ја прикажеме нашата игра, па нека победи подобриот“- смета Дервишевиќ.

Четвртфиналето ќе биде затворено со натпреварот Еуро Никел 2005-Навико Академија ФМП.

Горан Самарџиев кој успешно го предводи составот од Кавадарци, очекува победа на првиот меч од турнирот кој ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје

„Сакам на сите да им посакам успех во Купот, во кој ние влегуваме со очекување за победа на првата средба. Мислам дека сме спремни, играме со Академија ФМП која ја респектираме. Имаме 1-1 во меѓусебните дуели. Без разлика што ги победивме во Кавадарци на последната средба, Купот е специфичен и мора да бидеме мотивирани и фокусирани“- вели Самарџиев.

Пред средбата која се игра во петок, од 19.30 часот, свои размислувања има и капитенот на Навико Академија ФМП, Лука Стојановски:

„Нашиот менталитет во Купот е да играме од меч во меч. Имаме квалитет да се носиме со секого. Еуро Никел 2005 не го потценуваме. Мислам дека може да ги добиеме и по вторпат оваа сезона. Наше е да покажеме што знаеме“- вели младиот кошаркар на „лавовите“ од Кисела Вода.