Беше некогаш, сега работите се малку поинакви...
Екипата на Феникс 2010, дебитант во друштвото на најдобрите во Купот, стигна да го победи Работнички, клубот со десет куп-трофеи низ историјата. И да се пласира во полуфиналето, каде утре вечер, од 19.30 часот, го чека и вториот великан во мак-баскетот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Против екипата од „Градски парк“, пресуди третиот период од играта, оној во кој „фениксовци“ направија убедливо водство кое избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ го претворија во место во првата „четворка“од ова натпреварување.
РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010 49:74
Максимално израмнети беа првите 20 минути од третиот четвртфинален натпревар од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. Ниту една од двете екипи не направи некоја посериозна разлика.
И во така , според бројот на реализации, прво полувреме, Трајковски дојде прв до двоцифрен број на поени – десет. Но неговата екипа имаше само два поени плус (30:28) во однос на Работнички.
Младиот тим на „црвено-белите“, и без странци делуваше рамноправно против тимот кој пред извесно време ги порази повеќе од убедливо. Нивните поени беа доста добро распределни во тие 20.минути од играта.
Но Купот е затоа интересно натпреварување, во кое нема фаворизирани екипи, макар што „на хартија“, иако во улога на дебитант, во таква улога беше Феникс 2010.
Во ист стил продолжија двата четвртфиналисти и во второто полувреме.
Со една битна измена, Феникс 2010 беше екипата која прв дојде до опиплива предност. На 3:33 минути до истек на третата четвртина, се одлепи на плус 10 (47:37). А со нова мини-серија од (6-0), таа разлика порасна и на (53:37). Недостижна за квалитетот кој во овој момент го има Работнички.