20.02.2022

Во прекрасен амбиент во СРЦ „Кале“, дебитантот во финалето го надигра десеткратниот Куп-освојувач, МЗТ Скопје Аеродром, (80:66)

КУП 2022-МАЖИ – ФИНАЛЕ: ТФТ е сензационалниот освојувач на Купот!

Финалниот натпрвар од 29. издание на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“ донесе големи возбудувања. Ги приредија главните актери, екипите на МЗТ Скопје Аеродром, која го бранеше трофејот, и екипата на ТФТ, за прв пат во постоењето, во улога на предизвикувач.

А Македонија доби нов освојувач во ова натпреварување, затоа што екипата на ТФТ со сензационална игра, амбиции, мотиви и пред се огромна енергија, го турна МЗТ Скопје Аеродром од Куп-престолот.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ТФТ           66:80

Како играа на претходните два натпревари, така и продолжија, одлично, кошаркарите на ТФТ и во големото финале. Не се „исплашија“ од големината на својот противник во финалето, МЗТ Скопје Аеродром.

Уште во раната фаза од натпреварот најавија дека се подготвени да одат до самиот крај – до драгоцениот пехар. „Зборуваа“ на теренот, брзо се стекнаа со солидно водство, и тоа како битен момент во вака значајни мечеви. Имаа (17:11) во шестата минута, а четвртината ја завршија со нешто пониски (21:17).

Во ист ритам, продолжи предизвикувачот и во втората четвртина. Имаа и уште повисока позитива (35:28), по едно неверојатно забивање на Хортон, момент од 15. минута.

Иако доста пониски, кошаркарите на ТФТ остварија скокачка предност во првото полувреме. Имаа 23. скока, противникот само 12. Но и покрај тоа, „сино-белите“ најдоа решенија, токму преку највисокиот актер на мечот, Рикиќ (12. поени), да дојдат до достижни (37:39), кои ги зголеми Хортон, кој положи за (41:37) за крај на возбудувањата.

Станаа уште поголеми кога фаворитот почна да игра како што најдобро знае. Со некоја нова енергија влегоа „металците“ во продолжениетот на натпреварот Многу брзо воспоставија играчка и резултатска рамнотежа. Дури и преминаа во водство избраниците на Дарко Радуловиќ (48:44).

Но ТФТ имаше одговор, стигна исто така брзо, серија од девет поени по ред, за нова промена на водството во финалето, (53:48). Го направија уште поголемо „црно-белите“, поведоа и со (60:51), за таа четвртина да биде заторена со резултат (60:53) во корист на дебитантот во еден меч каде победникот добива трофеј.

Трите поени кои дојдоа од младиот Ташовски, му дадоа плус 10 на ТФТ (63:53), а и уште повеќе работата на фаворитот му ја усложни излегувањето од теренот на капитенот Дамјан Стојановски (поради две технички грешки) во втората минута од последната четвртина.

Кризата на куп-носителот ја продлабочи неверојатната тројка на Костоски, за (71:60) во средишниот дел од четвртината на одлука. И иако останаа цели пет минути, ново врачање за тимот од Аеродром, немаше.

ТФТ за прв пат во кратката историја на постоењето го освои Купот „Благоја Геогиевски-Буштур“!