Сензационален настап имаа кошаркаите на ТФТ во изминатите три дена од завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. Три победи, која од која поголема, поважна, на крајот доволни за историја. Прв трофеј во краткото постоење на клубот кој така успешно го предводи Боро Смилковски.
„Искрено, не можам да ги најдам правите зборови. Ова е резултат на нешто што започна пред три дена. Имавме осцилации во текот на целата сезона, но оваа екипа покажа карактер. Во мотивацискиот говор пред мечот кажав дека можеби многу луѓе ќе одат по различен пат, но вечно ќе го паметиме. Морам да ја посветам победата на мојот починат татко кој на денешен ден ќе наполнеше 70 години. Исто и на мојот син. Уште од минатата година кога почнавме да играме во Првата лига имавме идеја и концепт од кој не отстапувавме и конечно по година и пол тоа ни донесе резултат. Тоа е да практикуваме една модерна, атлетска кошарка, затоа што за мал тим како нас кој не може да се носи со поголемите тимови, тоа што може да го правиме е да се наттрчуваме. Така ги биравме играчите кои ги носевме, повеќето се втора година по ред со нас. Имаме млади момци кои дојдоа од колеџ, ова им беше прво професионално искуство, па предводени од легендата на македонската кошарка Александар Костоски, легендарниот капитен Едис Нури, нашите навивачи, растат заедно и сите растеме како клуб“.
Свое видување има и капитенот на „црно-белите“, Едис Нури:
„Се чувствувам добро и смирено. Имаше многу добра енергија за време на целиот турнир и знаевме дека ако го победиме Пелистер кој беше голем фаворит можеме да одиме до крај. Имавме една конверзација со Александар Костоски, еден од најдобрите, ако не и најдобриот наш кошаркар, направивме облог дека тој ќе ја потстрижи косата ако освоиме титула. Тоа го направивме, облогот се реализира. Јас се збогував пред три-четири години со кошарката. Но тренерот Боро Смилковски ме убеди да дојдам и да помогнам. Сакам да им помогнам на сите кои се овде да станат вистински кошаркари и да нè претставуваат достоинствено надвор од границите на Македонија“.