20.02.2022

„Во моментите кога се враќавме, правевме глупости“ - констатира шефот на струката на тимот од Аеродром.

КУП 2022-МАЖИ-ФИНАЛЕ-ДАРКО РАДУЛОВИЌ: „ТФТ едноставно повеќе ја посакуваше победата и енергетски беа посилни од нас“

МЗТ Скопје не успеа да ја одбрани титулата во Купот. Подобри од нив во големото финале беа мотивираните кошаркари на ТФТ кои славеа со сигурни (80:66).

На разочарување кај шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ:

„Мислам дека енергетски ТФТ беше подобар од нас. Имавме проблем со скокот, нешто на што многу имавме внимание за време на подготовката, но едноставно не успеавме да го сопреме нивниот најдобар скокач Смит. И кога имате обиди од ‘втора шанса’ постојано, тоа е проблем. Исто така и имавме проблем со Дамјан Стојановски кој беше исклучен. Не играше и Мекиќ, ни недостасуваше таков играч во ротацијата. ТФТ едноставно повеќе ја посакуваше победата и енергетски беа посилни. Во моментите кога се враќавме, правевме глупости. Но, тоа е, кога имате екипа која е нова во некои сегменти, посебно на плејмејкерската позиција, тоа и се случува. Купот е таков, ја честитам титулата на ТФТ затоа што ја заслужија и целиот турнир беа на високо ниво“.

Дамјан Стојановски заработи две технички грешки, и мораше порано да го напушти финалниот натпревар.

„За техничките грешки, не ми е јасно зошто ги добив... Си има институции за тоа и тие може да го проверат судењето. Јас не би сакал да коментирам. Околу мечот, влеговме уморни, го немавме и Мекиќ чие отсуство беше евидентно. Сепак, три меча во три дена, тоа е напорен ритам. Купот е таков, не секогаш победува фаворитот, тоа се докажа и вечерва. Нам сега ни следува обид да влеземе во АБА-лигата, а исто така и да го одбраниме тронот на домашната сцена“.