19.02.2022

Во скопската пресметка од Куп-полуфиналето, ТФТ го надигра Навико Академија ФМП (94:72) и ќе се бори за првиот трофеј во псотоењето

КУП 2022-МАЖИ-ПОЛУФИНАЛЕ: Момент за историја на ТФТ - пласман во финалето!

Пред почетокот на првото полуфинале, една работа беше јасно. Кој и да биде победник, дали екипата на ТФТ или на Навико Академија ФМП, победата ќе биде историска.

А шансата за прв пат во постоењето на клубот, да игра за еден трофеј во македонската клупска кошарка, ја искористија кошаркарите на ТФТ. Екипата од скопската населба Тафталиџе се покажа како подобра од онаа кој функционира во Кисела Вода. Апсолутно заслужено влегува во финалната пресметка во која го чекаат подобриот од натпреварот МЗТ Скопје Аеродром и Феникс 2010 кој стартува вечерва од 19.30 часот.  

ТФТ – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП      94:72

Домашната екипа, ТФТ, прва оствари солидна предност. По нецели седум минути од играта, „црно-белите“ поведоа со (23:17).  И ја задржаа до крајот на првиот период, макар и минимална, (26:24) по неверојатната тројка на Кошанин.

И почетните минути од втората четвртина покажаа дека кај кошаркарите на ТФТ има висок процент на мотивација. Делуваа одлично, особено во нападот. По двете тројки, на Маслинко и Костоски, одново се одвоија на пристојни (34:26), па тренерот на Навико Академија ФМП, Александар Петровиќ мораше да го запре новиот налет, со минута за одмор и совети.

Но Костоски и Маслинко продолжија да го погодуваат противничкиот кош, и да ја чуваат двоцифрената предност. По поените, сега од линијата за слободни фрлања, на Костоски, имаа и плус 13 (43:30).  

Сепак, условно кажано, гостите од Кисела Вода, намалија дел од негативата и на одмор заминаа со едноцифрено заостанување (41:50).

Во продолжението, ТФТ беше екипата која повторно ги диктираше случувањата на теренот. Максимално го користеа високиот енергетски капацитет. Тоа и ги донесе до највисокото водство од (62:46) запишано во 26.минута од првото полуфинале.

Но уште еднаш, сега до истекот на третата „лавовите“ намалија на (57:69) со кои стартуваше периодот на одлука, кој ќе игра во големото финале. АМА сили за нешто повеќе немаа. Она што ТФТ го градеше во текот на натпреварот, успеа да го одбрани, и да стигне до историска победа, и што е поважно, до најголемата шанса во краткото постоење – да се бори за трофејот во Купот.