Екипата на Гостивар е првиот противник на бранителот на Куп-пехарот, МЗТ Скопје. Екипата од Аеродром не бега од фаворитската улога, тоа го пренесува и Дарко Радуловиќ, кој ги води „сино-белите“ од клупата.
„Колку и да звучи клише, Купот е натпреварување кое е најинтересно во овој спорт затоа што е неизвесен и може секој да дојде до трофејот. Постојат фаворити, меѓутоа еден меч решава дали одите понатаму. Може некој да нема свој ден, па затоа ова натпреварување е најинтересно. Ние сме фокусирани единствено само на Гостивар, знаеме дека располагаат со екипа која е спој на младост и искуство. Играат квалитетна кошарка, се работи за типично шутерска екипа со транзиција. Мора да ги спречиме тие работи и да играме мобилна кошарка ако сакаме да се најдеме во следната рунда. А, од фаворитската улога ние не бегаме затоа што сме МЗТ“ - вели предводникот на аеродромци.
Пред четвртфиналето закажано за 14.30 часот свои размислувања има и капитенот на Гостивар, Ренато Димитриевски.
„Распоредот беше таков што уште во првото коло ни се падна актуелниот шампион, а од тоа нема поголема мотивација за нас како играчи. Секако дека МЗТ е фаворит на хартија против нас, но ние сме во серија од шест победи по ред, и се надевам дека ќе дојдеме до позитивен резултат. Им посакувам среќа на сите тимови и нека победи најдобриот“.