Осум екипи во машка конкуренција, од денеска до недела ќе се борат за првиот трофеј во македонската кошарка оваа сезона, во Купот на Македонија кој од лани го носи името „Благоја Георгиевски Буштур“.
Премиерното издание со ова име му припадна на МЗТ Скопје кој има десет пехари и заедно со Работнички е рекордер. Куриозитет во Купот е тоа што од 2010 година, пехарот од ова натпреварување не мрднал од Скопје затоа што шест пати го освои МЗТ Скопје, три Работнички и еднаш Карпош Соколи со тоа што една сезона завршницата не се одржа, поради пандемијата со корона вирусот. Последен клуб, надвор од Скопје, кој триумфирал во Купот е Фени Индустри во 2010 година кога во Виница го совлада Торус.
Проектираното финале за оваа година е МЗТ Скопје-Пелистер со оглед на тоа што двете водечки екипи во првенството се на различни страни во ждрепката. Битолчани се без пораз во шампионатот, но слично беше и лани кога влегоа како големи фаворити, а сепак беа елиминирани уште во четврфиналето, од Навико Академија ФМП, па сега ќе се обидат да избегнат такво сценарио во дуелот со ТФТ. МЗТ Скопје веќе го вгради својот шампионски менталитет и без оглед каде се наоѓа на првенствената табела, секогаш е фаворит за пехарите во домашната кошарка.
Завршницата од Купот на Македонија ќе се игра во СРЦ Кале. Поради актуелните здравствени прописи кои важат во нашата земја, капацитетот на салата е ограничен на 50%. По пополнување на предвидениот капацитет, салата ќе биде затворена.
Според протоколите за заштита од Ковид-19, влез ќе им биде дозволен само на лицата кои ќе имаат: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2 или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните шест месеци, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. Во салата не е дозволено да се внесуваат навивачки реквизити, а посетителите треба да се придржуваат до препорачаните мерки, одржување на соодветна дистанца на седиштата. Задолжително е носење на маски во текот на натпреварите.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
18. ФЕВРУАРИ (ПЕТОК)
12.00: Пелистер – ТФТ (1)
14.30: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар (2)
17.00: Работнички – Феникс 2010 (3)
19.30: Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП (4)
19. ФЕВРУАРИ (САБОТА)
ПОЛУФИНАЛЕ
17.00: Победник 1 – Победник 4
19.30: Победник 2 – Победник 3
20. ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА)
19.30: ФИНАЛЕ