Четири скопски екипи остануваат во борбата за 29. пехар во Купот на Македонија кој последните две сезони го носи името „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Тоа значи дека и 11. пат по ред (2020 година Купот не се играше поради пандемијата со корона вирусот) трофејот од ова натпреварување ќе остане во главниот град. Во конкуренција се бранителот на пехарот МЗТ Скопје и релативно младите актери на македонската кошаркарска сцена: ТФТ, Навико Академија ФМП и Феникс. Сите тие заедно немаат ни шест комплетирани сезони во елитната дивизија што е уште еден доказ за промените во домашната кошарка последните години. Каков и да биде епилогот од денешните натпревари, финалната двојка ќе ја сочинуваат екипи кои не се сретнале досега во борба за титулата во Купот.
Во претходните десет изданија од Купот, најуспешен беше МЗТ Скопје кој триумфираше шест пати, три пехари заминаа кај Работнички, а еднаш победи Карпош Соколи. Доминацијата на скопските екипи во Купот не е нешто ново бидејќи 22 од досегашните 28 трофеи завршија во престолнината.
Последниот клуб кој победил во Купот, а не е од Скопје е Фени Индустри (сега Еуро Никел) кој во 2010 година триумфираше на завршницата што се одржа во Виница, совладувајќи го во финалето Торус. На денешните полуфинални натпревари, МЗТ Скопје ќе игра против Феникс, а ТФТ против Навико Академија ФМП.