Кошаркарите на Пелистер и на ТФТ ќе ја имаат таа чест да го отворат новото издание од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Ако се „мери“ резултатот во досегашниот дел од сезоната, извесно е дека екипата од Битола е поблиску до полуфиналниот меч.
„Купот нуди еден натпревар каде сè може да се случи. Добро е за ТФТ што тренира и игра во СРЦ ‘Кале’. Нам ни следи патување до Скопје, играме во пладневен термин и нема да биде едноставно. ТФТ е солидна екипа, со четири странци и неколку искусни македонски кошаркари. Да одмориме и со ладни глави да стигнеме до недела“- вели едне од поискусните играчи во ростерот на „пелистерци“ - Димитар Караџовски.
За Едис Нури, капитенот на ТФТ, нема непобедливи екипи на овој турнир.
„Купот е интересно и интензивно натпреварување кое што може да биде доста тешко и да биде голема цена за понатамошниот дел од натпреварувањето за било која екипа. Се играат три натпревари во три дена, мора да се влегува во поголема и подлабока ротација и мислам дека на крајот ќе победи екипата која ќе има подолга клупа. Што се однесува до нашиот противник Пелистер, имаат солидна екипа, доста подобрена од минатата година и мислам дека по МЗТ Скопје Аеродром имаат и најквалитетен ростер. Мал куриозитет е што ние на Пелистер им го нанесовме првиот пораз, доста убедлив пораз, во истата оваа сала. Можеби и оваа година ќе биде исто првиот пораз од ТФТ. Академија ФМП ги изненади во првото коло лани, може да се повтори историјата, се надевам на тоа, а ако се помине Пелистер, може лесно ТФТ да биде во финале“.