Екипата на ТФТ е првиот полуфиналист во Купот „Благоја Герогиевски-Буштур“. Со одлична игра, константна во текот на сите 40.минути го изненадија големиот фаворит, екипата која не знае за пораз во домашното првенство. Но втора година по ред го завршува натпреварувањето уште во четвртфиналето
ПЕЛИСТЕР – ТФТ 93:105
Првата посериозна опасност Пелистер ја доби по само шест минути, кога ТФТ поведе со (23:18), па мораше да реагира тренерот Марјан Илиевски. Побара минута за одмор и совети кон своите играчи. Но „црно-белите“ ја продолжија серијата, стигнаа до уште повисоки (32:21) на истекот на десет минути од првото Куп-четвртфинале.
Многу брзо Илиевски мораше да го „потроши“ и вториот тајм-аут. По четири. минути од втората четвртина, кога противникот „побегна“ на (39:27). Одлично функционираше шутот за три поени на ТФТ. Погодија шест тројки од девет обиди во тој дел од мечот во СРЦ „Кале“.
Дури во последните секунди од првото полувреме, „пелистерци“ се симнаа на едноцифрена негатива (47:56).
За разлика од ТФТ каде дури осуммина играчи се запишаа во листата на стрелците, кај Пелистер, повторно „играа“ Кесар и Малешевиќ (искомбинираа 28. поени).
По одморот, непобедената екипа во првенството, стигна до -5, (51:56). По поените на Хаутон (негов десетти на сребата), битолчани имаа негатива од два поени (60:62). Но „црно-белите“ го одбранија тој напад. Со серија од (9-0) одново имаа високи (71:60), во 26.минута. Нешто подоцна, стигнаа и до (77:61), по забивањето на Маслинко.
Но и тука не беше крајот, затоа што ТФТ го заврши третиот дел со (84:68). Само како најава за првото големо изнендување на турнирот. Евидентно беше отсуството на неколку важни играчи, како Младеновски и Караџовски, во тимот од Битола, кој исто како и лани застана на првото скалило во куп-натпреварите.